Инвазијата на алги во светските води станува сè позабележителна, а научниците го поврзуваат овој феномен со потоплите мориња и океани поради драстичните климатски промени во последните години. Во последните месеци, бреговите на јужна Австралија беа погодени од високоинвазивна алга што го уништува целиот воден живот, поради што жителите на брегот наоѓаат голем број остатоци од риби.
Од другата страна на планетата, илјадници тони агресивни инвазивни алги од Југоисточна Азија се акумулираат на плажите на Гибралтарскиот Теснец и јужниот брег на Шпанија. Локалните екологисти го оценија овој феномен како голема закана за биодиверзитетот во регионот.
– Од мај, локалните власти во Кадиз отстранија 1.200 тони алги од Калета, најпопуларната плажа во градот, при што 78 тони алги беа отстранети само за еден ден – објави британскиот медиум „Гардијан“.
Хозе Карлос Теруел, раководител на плажата во градскиот совет на Кадиз, рече дека станува збор за еколошка катастрофа.
– Секогаш кога ветерот дува од запад, знаеме дека нè очекува уште еден бран алги – рече Теруел.
Како и многу други инвазивни морски видови, се смета дека алгите пристигнуваат во резервоарите на бродовите што минуваат низ Суецкиот Канал и влегуваат во Средоземно Море. За нешто повеќе од една деценија, алгите го колонизираа Гибралтарскиот Проток, поголемиот дел од јужниот брег на Шпанија, Канарските Острови, Азорските Острови и, подалеку на север, Кантабриско Море и Баскиската Земја. Алгите го нападнаа и брегот на Доминиканската Република, каде што посетителите на плажите газат низ вегетација што мириса непријатно за да стигнат до водата. Крајбрежјата на популарните одморалишта во Соединетите Американски Држави исто така не се поштедени.