Речиси три часа вчеравечер од сцената Долни Сарај одекнуваа песните на Интернационалната вечер на 31. издание на фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури“. Па иако во официјалната програма слушнавме 15 нови композиции што ги отпеаја млади пејачи од регионот, имавме можност и да се вратиме назад во времето и да се потсетиме на големите хитови на легендите на забавната музика во некогашна Југославија, кои беа поздравени од бројната публика.
Настанот го водеа Дејан Лилиќ и Марјана Станојковска.
Во публиката беше и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска – Давкова.
Лео Мартин доби признание „Песна на сите времиња“ за антолгиската „Одисеја“, која сѐ уште со задоволство се слуша.
– Во Охрид сум по цели 40 години и морам да кажам дека сум импресиониран и од градот и од луѓето, кои пленат со срдечност и топлина. Драго ми е што „Одисеја“ сѐ уште се слуша и живее меѓу луѓето, а за тоа секако најзаслужен е композиторот Војкан Борисављевиќ, убавиот текст на Светислав Вуковиќ, и секако, мојата интерпретација. Се надевам дека фестивалот „Охрид фест“ ќе живее уште долго, благодарение на првиот човек Григор Копров и на неговиот тим – ни рече Лео Мартин.
И „Јутро“ на Јелена Томашевиќ, мелодија која за неа е своевидна лична карта го доби истиот епитет. Уживање беше повторно да се слушнат овие нумери, како и „Македонија“ на Дадо Топиќ, нашата неофицијална химна со која тој, токму во Охрид го започна одбележувањето на 60-годишната успешна музичка кариера.
И кантавторот Срѓан Марјановиќ годинава одбележува половина век на сцената, па нѐ потсети на една негова емотивна балада, какви што напиша многу во своите „емотивни 50“, како што вели.
Големи емоции предизвика и настапот на Кристијан-Кики Рахимовски, кој постхумно доби признание посветено на неговиот татко, пејачот на „Парни Ваљак“, Аки Рахимовски, кој од Македонија тргна да го освојува регионот.
Кики рече дека по долго време повторно пее пред публика, а иако е првпат во Охрид, за кој татко му многу му раскажувал, тука се чувствува како дома. Најави и почести средби со македонската публика во иднина.
Беше одбележан и јубилејот половина век со музиката на еден од најдобрите гитаристи во Европа, нашиот Влатко Стефановски.
Од некогашните ѕвезди на екс Југославија настапи и Мирза, овојпат без своето јато.
Меѓу гостите беа и други пејачи од регионот, а голем впечаток остави младата македонска пејачка Ана Петановска, која сите ги воодушеви со својата интерпретација.
Член на жирито на 31. издание на „Охрид фест“, не по првпат, беше Саша Милошевиќ- Маре.
– Драго ми е што повторно сум во Охрид, каде секогаш ја чувствувам топлината и музикалноста на Македонија. Од она што го слушнав сигурен сум дека ќе имаме тешка задача да ги избереме најдобрите вечерва. И овојпат сакам да потенцирам дека благодарение на луѓе како Григор Копров сѐ уште има вакви манифестации, кои нѐ поврзуваат. Се надевам дека и во иднина ќе биде така и „Охрид фест“ уште долго ќе ни пдоарува убави песни и позитивна енергија – вели популарниот Саша Милошевиќ- Маре, кој е еден од авторите на песната „Молитва“, со која Марија Шерифовиќ победи на „Евровизија“.
Во оваа ноќ за паметење победник е младиот српски пејач Немања Радошевиќ, кој ја исполни песната „Јутро без тебе“, за кого публиката го даде својот глас, како и акредитираните новинари. Втора е Лола Пухар од Словенија, а третото место му припадна на Емин Печанин од Хрватска.
Жирито првата награда ѝ ја додели на нашата Мила Николовска-Ѓумар, втор е Милорад Мијушковиќ (Црна Гора), а трет Милан Бујаковиќ (Србија), додека наградата за интерпретација ѝ припадна на Дорис Димовска, а најтрубадурска поп-композиција е „Љубов моја“ на Стефан Спироски.
Награда за најдобра аудио-продукција доби студио „Тра ла ла“, најдобар дебитант е Илија Јовчев, наградадата за најдобар аранжман ја доби Роберт Пилепиќ, а за најдобар текст е наградена Весна Малинова за песната „Нека свети”. Награда Долни Сарај отиде во рацете на Сергеј Попоски, а најслушана песна меѓу два фестивала е „Шепни ми“.