Франкфурт, Виена и Мадрид имаат решение за топлотниот бран

Поради она што е познато како ефект на урбаниот топлински остров, градовите стануваат многу потопли од другите делови на земјата бидејќи топлината е заробена помеѓу високите згради и се апсорбира од асфалтот и бетонот. Затоа, потребни се некои иновативни мерки за нивно разладување. Што можеме да научиме од оние што предничат во климатската адаптација?

Додека делови од Грција, Кипар и Турција се соочуваат со силни топлотни бранови, други трпат рекордни врнежи. Екстремните временски настани стануваат сѐ почести и посилни како резултат на климатските промени.

Овие денови покажаа како неопремените градови се справуваат на температури од над 40 степени. Но и оние што имаат места каде што „полесно се дише“ во топлите летни денови, како што се улици со дрвја, зелени паркови, базени и климатизирани јавни места, пишува „Евроњуз“.

Студените улици на Виена

Според глобалниот индекс на животна средина, спроведен од „Економист интелиџенс јунит“, Виена е најпогоден град за живеење во светот. Исто така, има високи резултати во ублажувањето на климатските промени, бидејќи австрискиот главен град првпат подготви климатски план во 1999 година, а во 2018 година стана еден од првите европски градови со стратегија за препознавање и борба против урбаната топлина.

Кога жештината ќе стане преголема, жителите можат да шетаат низ улиците, кои се разладени од „фина магла“. Овие „студени улици“ се само еден дел од планот за јавна инфраструктура на општинските власти. Тие исто така воведоа нова мрежа на велосипедски маршрути за да ги исфрлат автомобилите што произведуваат топлина (и загадуваат) и ветија дека ќе засадуваат 4.500 нови дрвја секоја година.

Освен тоа што градот додава нови елементи, Виена се држи до она што функционира. Сè уште има повеќе од 1.000 јавни фонтани за пиење вода и широка мрежа на општински базени што првпат биле изградени во 1920-тите години.

Дубровник е уште еден град со прекрасни фонтани и има вградено отвори во неговите прекрасни ѕидови за жителите и туристите да имаат брз пристап кога треба да се разладат.

Вентилациските коридори на Франкфурт

Поранешниот победник во категоријата „европски град на дрвјата“, Франкфурт, веќе постигнува добар напредок кога станува збор за зелената покриеност. Според една сателитска студија од 2021 година, дрвјата можат да ја намалат температурата на површината до 12 степени во лето, така што околу 200.000 дрвја засадени на јавни места е дефинитивен благодат.

Како еден од најжешките градови во Германија, на Франкфурт му требаше големо преуредување. Така што се изградени вентилациски коридори или области каде што нема високи згради или големи дрвја за да се извлече постуден воздух од околните области.

Ваквиот коридор на реката Нида, на пример, дозволува до 40.000 кубни метри ладен воздух во секунда да протече во градот во текот на летните ноќи. Згора на тоа, Франкфурт бара одредени нови згради да имаат т.н. зелени покриви, покриени со растенија. Тие можат да бидат многу поладни во сончевите денови.
– Зелените покриви имаат голем број позитивни ефекти. Тие ја штитат зградата, ја изолираат и ја ладат. Тоа исто така ги намалува трошоците – објаснува Лара-Марија Мор од Одделот за животна средина во Франкфурт.

Бучавата се апсорбира, растенијата ја филтрираат ситната прашина, а ефектите од обилниот дожд се ублажуваат со фактот што подлогата може да го апсорбира дождот.

Климатски засолништа во Шпанија

Минатото лето температурите во шпанската престолнина редовно се приближуваа до 40 степени, додека јужниот град Валенсија го собори топлотниот рекорд кога живата достигна 46,8 степени. При тополотен бран жителите со пониски приходи имаат многу помала веројатност да добијат соодветно изолирано домување и пристап до ладни зелени површини.

За да се обиде да го подобри тоа, Мадрид отвори т.н. климатски засолништа – климатизирани јавни простори како што се библиотеки и центри за заедницата – за време на минатогодишниот топлотен бран и лансира апликација за забрзување на влезот во субвенционираните базени во градот.

Направена е и долгорочна стратегија за разладување на градот. Според планот „Мадридскиот остров на боите“ за 2019 година, околу главниот град се гради зелен појас – шума долга 75 километри. Термографските снимки од околните области во 2022 година покажаа дека температурите во земјата веќе се намалени за 2 степена.
Постојат и други начини на кои градовите ја одржуваат живата ниско за време на премногу топли денови. Во Нирнберг, на пример, трамвајските шини се покриени со трева за да се разладат.