Индустрија на тагата, миленик во замена за човек

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (11)

Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците

Во последната деценија индустријата за миленици расте со темпо што ретко се гледа во други сектори. Храна и додатоци, ветеринарни услуги, груминг, пет-хотели и шетачи, дресури… – околу милениците се создаде цел економски екосистем. Тоа само по себе не е проблем. Напротив, професионализацијата на услугите значително ја подобри благосостојбата на животните и ги приближи стандардите кон оние што постојат во развиените земји. Но паралелно со тој развој се појавуваат и девијации што треба да се истакнат за да се ограничат и сведат на свесен избор. Промоцијата на антропоморфизирани производи за „добри пет-родители“, како чевличиња, балсами, „бебешки“ колички за миленици, е најновиот сегмент во Македонија што отвора сериозни прашања: индустријата околу смртта на милениците.
Во следните години ризикуваме да го следиме трендот од нашите соседи: организатори на церемонии за „последно пет-збогување“, персонализирани урни, меморијални предмети, па дури и гробишта за миленици со надгробни плочи и споменици. Сето тоа се претставува како израз на љубов и почит кон животното. Но кога ваквите појави се анализираат од перспектива на психологијата, социологијата и науката за благосостојба на животните, станува јасно дека во значителен дел станува збор за комерцијализација на човечката тага. Психологијата одамна покажува дека тагата е состојба во која човекот е особено ранлив. Загубата на миленик може да биде силно емоционално искуство, бидејќи станува збор за врска што трае со години и е вградена во секојдневната рутина на човекот. Но токму таа ранливост претставува и простор за маркетинг. Во економската литература постои поим „гриф маркетинг“ – маркетинг насочен кон луѓе што се наоѓаат во состојба на жалост. Овој модел одамна постои во погребната индустрија за луѓе, а во последните години се пренесува и во индустријата за миленици исто како што таа вешто го копираше моделот на детската и бебешката индустрија. Најчестиот инструмент во таквиот маркетинг е создавање чувство на вина. Во регионот веќе се појавуваат компании што се рекламираат како „единствени со дозвола“ за кремирање миленици, а паралелно со тоа, се пласира порака дека, ако сопственикот не ја избере нивната услуга, посмртните остатоци на животното ќе завршат во кафилерија „заедно со отпад од кланици“. Формулацијата е внимателно избрана – доволно емоционално силна за да предизвика шок и чувство дека сопственикот го „предава“ својот миленик.

Фото: Пиксабеј

Но фактите се поинакви. Кафилериите се дел од јавноздравствениот и ветеринарниот систем. Нивната функција е регулирана со европските стандарди за управување со нуспроизводи од животинско потекло, особено во држава како Македонија, каде што има повеќе животни од луѓе. Тие мерки постојат заради биосигурност, контрола на заразни болести и заштита на животната средина. Без вакви постројки би постоел сериозен ризик од ширење патогени, загадување на почвата и неконтролирано отстранување биолошки материјал. Во таа смисла тие се дел од инфраструктурата на јавното здравје, а не симбол на непочит кон животните.
Проблемот секако не е во постоењето на приватни услуги. Секој сопственик има право на личен избор. Проблемот се јавува кога изборот се гради врз манипулација со емоции и создавање морална вина како во сите сегменти на индустријата за миленици: од изборот на миленикот (како кампањата „Вдоми, не купувај“), па до неговата смрт, постојат гласови што пропагираат ненаучни аргументи на вина и емоции. Тука се отвора и поширокото прашање на антропоморфизацијата на милениците. Антропоморфизацијата подразбира припишување човечки особини, улоги и емоционални структури на животни. Во современите урбани општества таа станува сè поизразена. Се појавуваат термини како „пет-родители“, „крзнени деца“ и „четириножни членови на семејството“. Овие изрази не се само јазична игра. Тие се одраз на подлабоки општествени промени. Во многу развиени земји расте бројот на самечки домаќинства, родителството се одложува, а урбаното живеење создава нови форми на емоционална поврзаност. Во таков контекст милениците се тотемски жртви што треба симболично да ја преземат улогата на емоционални партнери или „членови на семејството“.
Но науката предупредува дека ваквата проекција може да доведе до погрешно разбирање на животните. Етологијата, науката за однесувањето на животните, покажува дека кучињата се високо социјални и интелигентни суштества, но нивниот когнитивен и емоционален свет е сосема различен од човечкиот. Нивното однесување е обликувано од еволуцијата, социјалната структура и непосредната интеракција со околината. Тие немаат концепт за симболични ритуали, ниту пак за култура на сеќавање по смртта.

Сите меморијални практики што луѓето ги создаваат по смртта на миленикот имаат смисла за човекот, но не и за животното.
Науката за благосостојба на животните нагласува една едноставна вистина: етичката одговорност кон животното се однесува на неговиот живот, а не на симболиката на неговата смрт. Квалитетот на животот – добра исхрана, ветеринарна нега, физичка активност, социјална интеракција и стабилна средина – е она што навистина ја определува благосостојбата на кучето. Животниот циклус на кучето е релативно краток. Просечниот животен век на повеќето кучиња изнесува околу десет-дванаесет години. Човекот живее седум или осум децении. Таа разлика е резултат на биолошката еволуција и метаболичките процеси кај различни видови. Тоа не е трагедија што треба да се компензира со симболични ритуали, туку природен дел од односот меѓу човекот и животното. Кога оваа перспектива се губи, почнуваат да се појавуваат и девијантни практики, па општеството мора да постави и рационални граници. Урбаните средини немаат потреба од култни простори со гробишта и споменици за миленици. Управувањето со биолошки материјал мора да биде безбедно, контролирано и еколошки одговорно. Токму затоа системите на кафилерии и други регистрирани постројки постојат во речиси сите модерни држави. Во таа смисла, рационалниот пристап не ја негира љубовта кон животните, туку ја поставува во реален контекст. Кучињата не бараат мавзолеи, урни од мермер или церемонии со говори. Тие бараат нешто многу поедноставно и многу поважно – човек што ќе ги разбере додека се живи. Почитта кон миленикот не се мери со ритуалите по неговата смрт. Таа се мери со годините грижа, внимание и одговорност што сме му ги посветиле додека бил дел од нашиот живот. Кога тој однос се разбира на тој начин, и тагата по загубата останува човечка и природна, без потреба да се претвора во пазар на симболични утехи.

Илија Петковски