Индија планира да аплицира за дозвола за истражување на минералите на дното на Тихи Океан за да обезбеди снабдување со клучни суровини за технологии за енергетска транзиција, рече водечкиот владин научник М. Равичандран. Меѓународната агенција за морско дно издаде 31 дозвола за истражување на минералите во длабокото море, а Индија веќе има добиено две за Индиски Океан. Агенцијата на ОН сè уште не издава дозволи за рударство бидејќи сè уште работи на прописите. Советот на агенцијата ќе се состане до крајот на јули во Јамајка за да го разгледа последниот предлог за кодекс за рударство во длабокото море.
– Индиското Министерство за науки за Земјата ќе соработува тесно со домашната рударска индустрија за да аплицира за истражување на минералите на дното на Тихи Океан следната година – рече Равичандран.
Њу Делхи досега не планирал да бара минерали во Тихи Океан, а Кина, Русија и некои островски држави на Тихи Океан веќе добија дозволи. Индија планира да се фокусира на зоната Кларион-Клипертон на потегот помеѓу Хаваи и Мексико, докажано богата со грутки со минерали како што се манган, никел, бакар и кобалт. Формирањето грутки од минерали трае милион години, а тие првпат биле откриени од британските морнари во 1873 година. За разлика од Кина, Индија сè уште нема развиено технологија за ископување на морското дно и, според експертите, ќе бидат потребни најмалку три-четири години за да биде подготвена за екстракција.
– Работевме многу на технологијата за ископување во длабокото море, но не ја усовршивме. Од таа перспектива, сè уште не сме подготвени – вели поранешниот функционер на индиското Министерство за наука за Земјата, М. Раџиван.
Критичарите, од друга страна, предупредуваат дека сѐ уште не е доволно познато како рударството влијае на морските екосистеми.
– Не сум сигурен дека денешните технологии и методи можат да ги елиминираат грижите за животната средина – рече Прадип Синг, експерт за океани во Институтот за истражување на одржливоста во Потсдам.
Индија, од друга страна, очекува да добие уште две дозволи за истражување на дното на Индиски Океан, во регионите Карлсберг Риџ и Афанаси-Никитин, познати по наоѓалишта на полиметални сулфиди и скромни наоѓалишта на фероманган, рече Равичандран.
Дозволите се издаваат за период од 15 години. Полиметалните наоѓалишта на сулфид содржат метали како бакар, злато, сребро и цинк. Депозитите на фероманган обично содржат кобалт, никел, манган, платина и лантаниди, клучни суровини за технолошкиот сектор. Индија главно увезува бакар и литиум, а на група од 24 минерали ѝ додели статус на „клучни“ суровини за енергетската транзиција.