На официјалната страница на групата „Рибља Чорба“ утрово осамна соопштението од останатите членови, во кое тие со тага и жалост известуваат дека ги напуштил нивниот пријател и брат Борисав Бора Ѓорѓевиќ (01.11.1952-04.09.2024).
Бора Чорба, една од најголемите музички легенди во регионот, почина во болницата во Љубљана, како последица од тешко воспаление на белите дробови. Тој последниве години живееше во Словенија, со својата трета сопруга Дубравка Милатовиќ, која беше со него до последниот здив. Тој остави аманет да биде погребан во родниот Чачак, каде што посакуваше да добие своја улица, што веруваме и ќе се ствари.
Инаку, иако со влошено здравје Бора Чорба се до неговата хоспитализација не се откажуваше од концертите, а во Скопје последен пат настапи пред неколку месеци, на концертот на Жељко Сараџиќ во салата „Борис Трајковски“, додека лани со „Рибља Чорба“ одржа низа концерти во земјава, каде, како што велеше секогаш се чувствува како дома. Во 2019 година на манифестацијата „Златна буба-мара на популарноста“ Бора доби награда за трајни музички вредности. Тогаш со Игор Џамбазов и со хорот „Мирче Ацев“ ја испеа антологиската песна „Погледај дом свој анѓеле“.
Бора пишуваше текстови и за македонски пејачи, меѓу кои и за Тоше Проески.
Четири генерации присуствуваа на концертите на „Рибља Чорба“ и половина век ги пееја неговите песни, во чии стихови се препознаваа, ги живееја и растеа, младееја и старееја со нив. Бора ги отпеа на свој уникатен начин, сите наши животни предизвици, од првите не секогаш среќни љубови, првите пијанства, одењето во војска, разделбите, подемите и падовите, па се до моментите кога и политиката се вмешува во нашите животи. Стиховите ги пишуваше на се што ќе му додје под рака, кутија цигари, салветка или кафеански чаршав, но беа толку силни што повеќекратно го положија тестот на времето и се уште одѕвонуваат во неговите безвременски хитови, отпеани со неговиот силен, малку засипнат рокерски глас.
Со албумот „Лутка са насловне стране“ почнува неговиот музички поход. Се уште го паметам првиот концерт на „Чорба“ на Кале, кога слушајќи ги сега веќе антологиските песни, имав некое чувство дека овој концерт е посебен. И навистина така и беше. Често потоа го следев Бора и професионално и приватно на коцертите во Скопје, а интервјуто со него, објавено во „Нова Македонија“ го направив 2013 година.
Искрено и спонтано тој одговараше на моите прашања, па меѓу другото рече дека нема село во Македонија во кое изминатиот половина век не свирел.
– Сум настапувал секаде низ земјава, само во Муртино пеев четири пати. Сепак, вистинскиот дух на Македонија, македонскиот национален бит најмногу го почувствував и го видов во Лазарополе и во Вевчани. Жал ми е што пред извесно време јас без причина бев нападнат дека ја негирам македонската нација. Тоа беше крајно идиотски. Ова е прекрасен народ и јас тука се чувствувам како дома – рече Бора во интервјуто.
За својата поезија и напишаните книги Ѓорѓевиќ велеше:
„За жал јас не можам ништо да променам со моите стихови, познато е дека уметниците не ги менуваат работите, но ако успеам да ги натерам луѓето да размислуваат во насока што ми се чини исправна, значи дека барем не сум го злоупотребил моето влијание. Обично им порачувам на младите луѓе да не му веруваат никому, да бидат свои! Ѝ им велам: „Не ми верувајте ни мене, слушајте се само себеси“.
За песната што на некој начин го одбележа и неговиот и нашите животи, „Погледај дом свој анѓеле“ велеше дека, сепак уште еднаш ќе не погледант ангелите, иако некако како да се сокрија. Во неговиот препознталив стил рече: „Мора да биде подобро, ако не биде полошо“!
А кариерата на Бора Ѓорѓевиќ во екс Југославија одеше по нагорна линија се до граѓанската војна. Се редеа хитовите ( „Ја сам још она иста будала“, „Остани ѓубре до краја“, „Немој среќо, немој данас“, „Неке су жене пратиле војнике“, „Два динара друже“…), но и контроверзите, бурните настани се преселија и во неговиот приватен живот. По многуте турбуленции, па и активности поврзани со политиката, од 1999. година на албумот „Ноева барка“ повторно доминираат љубовните песни по кои Бора Чорба е препознатлив.
Се надевам дека членовите на „Рибља Чорба“ ќе најдат сили наскоро да го објават 21. албум на групата, во чија реализација секако учествуваше и незаменливиот Бора Чорба, кој остави голем печат во многу животи.