Лансирањето на мисијата „Поларис даун“ е закажано најрано за 26 август од вселенскиот центар Кенеди на Флорида. Извршниот директор на „Спејс екс“, Илон Маск, изјави дека претстојната мисија ќе биде „епска“. Долгоочекуваната мисија е закажана за понеделник, 26 август, а ќе ја изврши четиричлен екипаж, чии членови не се професионални астронаути.
По полетувањето од вселенскиот центар Кенеди, вселенското летало „Кру драгон“ што ги носи овие авантуристи нема да се приклучи на Меѓународната вселенска станица, туку ќе помине неколку дена во орбитата на Земјата. Всушност, леталото ќе орбитира околу Земјата на височина од околу 700 километри, што е за околу 300 километри повисоко од кое било вселенско летало што некогаш патувало.
Сепак, она што ја прави оваа мисија посебна и причината поради која Илон Маск ја нарекува „епска“ е тоа што за време на нејзиното траење ќе биде изведена првата комерцијална вселенска прошетка.
Прошетката ќе ја изведуваат двајца членови на екипажот: командантот на мисијата Џаред Исакман, извршен директор на „Шифт4“ и финансиер на мисијата „Поларис даун“, и Сара Гилс, главна инженерка за вселенски операции во „Спејс екс“. За време на прошетката, двојката ќе тестира нов вселенски костим, наречен ЕВА, дизајниран специјално за такви активности надвор од леталото. Покрај Исакман и Џајлс, во вселенското летало ќе бидат и Скот Потет и Ана Менон. Додека за тројцата членови на екипажот оваа мисија ќе биде прв лет во орбитата, за Исакман ова е второ патување од ваков вид. Во 2021 година милијардерот учествуваше во мисијата „Инспирејшн4“, чии членови беа целосно цивили.
Покрај првата комерцијална вселенска прошетка, мисијата ќе биде првиот тест на ласерската комуникација „Старлинк“ во присуство на екипаж. Покрај тоа, екипажот ќе спроведе научни истражувања насочени кон подобро разбирање на здравјето на луѓето за време на идните вселенски летови.