Илјадници бебиња пингвини умреле минатата година на Антарктикот поради сѐ побрзото топење на мразот. Рекордно ниското ниво на мраз во морето на Антарктикот на крајот на 2023 година доведе до неможност за репродукција во петтина од колониите на царските пингвини на континентот, според британскиот институт „Антарктик истражување“.
Студијата беше објавена во списанието „Антартик сајенс“. Истражувањето користело сателитски податоци за да го открие степенот на влијанието на раното распаѓање на морскиот мраз врз циклусот на размножување на пингвините. Ако морскиот мраз на кој се размножува колонијата се распадне пред на младенците да им пораснат водоотпорните пердуви, тие имаат мали шанси да преживеат. Младенчињата што влегуваат во водата пред да им пораснат пердуви имаат висока, па дури и целосна стапка на смртност во колонијата. Дури и да останат на парче лебдечки мраз што се откинало, нивните шанси да преживеат се мали бидејќи родителите тешко наоѓаат храна за своето потомство.
Четиринаесет од 66-те колонии биле погодени во 2023 година, според анализата презентирана во списанието. Неуспесите во размножувањето се директна последица на невиденото губење на морскиот мраз во регионот во последните години поради климатските промени. Исклучително ниска летна ледена покривка е забележана во 2022 и 2023 година.
Се проценува дека моментално има неколку стотици илјади царски пингвини оставени во дивината. Според предвидувањата, овој харизматичен вид би можел практично да исчезне до крајот на векот доколку емисиите на стакленички гасови продолжат да растат со сегашната стапка.