Додека ја создававме „Насмевка“ беше наша песна, а од денес ќе биде подарок за сите вас, подарок од СОС Детско село за што повеќе насмевки на овој свет – порачаа учесниците на проектот на денешната прес конференција, во пресрет на утрешниот Меѓународен ден на семејството
Познатиот македонски музичар и композитор Игор Атанасоски-Харе, заедно со десет македонски музички ѕвезди ја сними песната „Насмевка“, како дел од проект на СОС Детско село, со кој се одбележува утрешниот Меѓународен ден на семејството.
Харе е автор на текстот и на музиката на песната, која се снимаше во студото „Тра ла ла“ на Мите Димовски, кој свиреше на тапани, а се јавува и во улогата на продуцент и аранжер. За гитарата, се разбира беше задолжен Игор, на бас свиреше Трајко Симоновски -Таци, додека зад клавијатирте беше Давор Јодрановски. За „Насмевка“ е снимен и спот, во режија на Александар Ристовски-Принц , што беше промовиран на денешната прес-конференција.
– Го одбележуваме Денот на семејството, со нова песна, „Насмевка“. Особена благодарност упатуваме до авторот Игор Атанасоски, кој заедно со 10 врвни македонски музички уметници: Игор Џамбазов, Пере Нокаут, Сара Мејс, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Влатко Лозано, Тамара Тодевска, Мијата, Андријана Јаневска и Стефан од Некст Тајм – кои се приклучија на нашиот повик за љубов, поддршка и заедништво, ни подарија нешто волшебно убаво, емотивна, топла и искрена песна, која ќе биде симболот на овој ден. „Насмевка“ е наша заедничка порака дека се грижиме и веруваме дека секое дете треба и мора да расте со насмевка – велат од СОС Детско село.

Според Јулијана Гапо, национална директорка на СОС Детско село, семејството е основна клетка на секое општество – темелот врз кој се гради секој човечки живот.
– Семејството не е само заедница, туку првата и најважна средина за развој на детето. Во него тоа го гради својот идентитет, учи како да сака, кому да верува и како да се справува со светот околу себе. Семејната љубов и стабилност се незаменливи во оформувањето на здрави, самоуверени и одговорни млади луѓе. Кога тоа недостига, детето е изложено на сиромаштија, запоставување, емоционална нестабилност и маргинализација.

За жал, статистичките податоци покажуваат дека окулу 8.000 деца во Македонија се во ризик. 1.029 деца се без родителска грижа, 3.994 деца живеат во заедници каде има брачни и семејни проблеми и уште 2.768 деца се во друг социјален ризик. Овие бројки не се само статистика – тие претставуваат илјадници животи, илјадници детски срца кои чекаат поддршка, сигурност и шанса за подобра иднина. Токму поради тоа СОС Детско село од 2001 година посветено работи на остварување на мисијата – ниту едно дете да не расте само.Нашите програми се насочени кон поддршка на згрижувачките семејст ва, зајакнување на семејствата во ризик и економско осамостојување на младите од ранливи групи. За овие 24 години успеавме да го промениме животот на повеќе од 5.000 деца и млади, овозможувајќи да растат во сигурна и грижлива семејна средина и да бидат самостојни и финансиски стабилни единки во нашето општество.Нека оваа наша „Насмевка“ – симболично и реално – биде потсетник дека кога сме заедно, можеме да промениме животи на многу деца – изјави Јулијана Гапо.
Игор Атанасоски – Харе се потсети како се родила идејата за создавање на „Намевка“.

– Сите работи се случуваат кога ќе им дојде вистинското време. Ни порано, ни подоцна. Токму сега дојде време за „Насмевка“, нешто драгоцено, и се поретко во секојдневието.
Главен иницијатор беше Илчо Бадаров, раководител на младинските куќи при СОС Детско село, кој на една наша кафе-средба ми раскажа за негов пензиониран колега, кој додека работел засадил дрво, и кога денес ќе ја посети таа куќа, гледајќи го големото дрво, го гледа неговиот работен век и сите спомени од годините поминати со децата. Воден од желба да остави нешто зад себе, ми ја предложи идејата, и јас без двоумење ја прифатив. И како што веќе споменав, коцките почнаа да се редат.СОС Детско село следната годинаслави 25 годишен јубилеј, и тимот со задоволство даде зелено светло. За мене е голема чест да направам нешто општествено корисно, но и голем предизвик на професионален план, да направам убава песна, на македонски јазик, која ќе живее и ќе измами насмевка. Достојно на нивниот голем јубилеј, сакав да биде посебна – раскажа Харе.
Наташа Крстевска, популарната Мијата, во име на сите учесници во проектот рече дека себе си се смета за СОС пријател.
– Мојата соработка почна за време на ковидот, со најразлични ангажмани, и бев пресреќна да учествувам и во снимањето на „Намсевка“. Снимањето беше интересно,преплавено со позитивни емоции и се надевам дека децата од СОС Детско село, но и сите деца во Македонија ќе го почувствуваат тоа – рече Мијата.
Додека ја создававме „Насмевка“ беше наша песна, а од денес ќе биде подарок за сите вас, подарок од СОС Детско село за што повеќе насмевки на овој свет – порачаа учесниците на проектот на денешната прес конференција.