Во текот на летото децата поминуваат многу време надвор и се изложени на директна сончева светлина. Штетните УВ-зраци имаат негативно влијание врз здравјето на кожата на вашето бебе и дете, но може да влијаат и на здравјето на очите. Како што на кожата ѝ е потребна заштита од сонце, така и на очите на децата.
– Кај децата, кожата на очните капаци и околу очите е понежна, попропустлива и ранлива отколку кај возрасните. Во исто време, оштетувањето на очите предизвикано од сончевото ултравиолетово зрачење има тенденција да се акумулира со текот на времето, манифестирајќи се подоцна во форма на проблеми со видот кај возрасните, како што се катаракт, макуларна дегенерација што доведува до слепило и птеригија, прекумерен раст на рожницата на окото со сврзувачко ткиво – објаснува Нитика Арора, офталмолог од клиниката „Мајо“ во САД.
Исто така, докторката забележува дека високата изложеност на УВ-зрачење го зголемува ризикот од фотокератитис – изгореница на рожницата на окото.
Експертите истакнуваат дека затоа е важно на децата да им се обезбедат очила за сонце. Се носат и во облачни денови, бидејќи ултравиолетовите зраци можат да ги оштетат очите дури и кога сонцето е скриено зад облаците.
Обрнете внимание на нивото на заштита од УВ. Изберете леќи што обезбедуваат 99-100 проценти заштита и од УВА (долга бранова должина) и од УВБ (кратка бранова должина). Одлучете се за рамки со големи тркалезни леќи, кои покриваат големи површини на кожата околу очите. Доколку вашето дете носи очила, во консултација со офталмолог, можете да изберете фотохромни леќи што автоматски потемнуваат во присуство на сончева светлина и блокираат 100 проценти од УВ-зрачењето.
Погрижете се очилата да бидат силни, цврсти и сигурни, бидејќи ќе ги носи активно дете. Подобро е рамката да е изработена од поликарбонат, а стаклото од материјал отпорен на гребење. Рамката треба добро да се свиткува (но не да се скрши) за да може индивидуално да се приспособи.
Ако вашето дете е активно на отворено, можеби ќе му требаат очила со жолти или зелени леќи за да го зголеми контрастот.
Децата се поподготвени да носат очила за сонце доколку им се дозволи да ги изберат очилата за сонце што им се допаѓаат. Затоа е важно да се вклучат во изборот.
За да не се изгубат или скршат очилата на децата, родителите треба да внимаваат да ги чуваат очилата во футрола и на безбедно место кога не се потребни.
Ако детето решително одбива да носи очила за сонце, обидете се да дознаете која е причината, можеби рамките или очилата едноставно не му одговараат.
Научете ги со вашиот пример – секогаш носете очила за сонце кога сте надвор за да им стане секојдневна навика на децата. Во сончевите денови добро е да ги дополните очилата со шешир, капа или качкет што фрла сенка на лицето и не заборавајте да нанесете крем за сончање на кожата.
Пред да одлучите да купите очила за сонце за вашето дете, важно е да се консултирате со офталмолог и да добиете стручен совет за избор на очила.