„Тера мадре“ ги мобилизира заедниците околу агроекологијата
Од 26 до 30 септември, во „Парко Дора“ во Торино (Италија), меѓународниот настан „Тера мадре салоне дел густо“ ќе мобилизира повеќе од 3.000 делегати и активисти на асоцијацијата „Слоу фуд“, од над 120 земји, кои ќе се соберат да разговараат на темата „Агроекологија“. Ова е најголемиот настан посветен на политиката за храната, одржливото земјоделство и животната средина, а е организиран од „Слоу фуд“, регионот Пиемонт и од градот Торино. Целта е да се креира подобра иднина за храната преку издигање на свеста за нашиот секојдневен избор на храна, поддршка и промовирање на колективните напори на заедниците и застапување за подобри политики и практики за храна и во јавните и во приватните институции.
Фокусот годинава ќе биде повторно воспоставување и зајакнување на односот меѓу луѓето и природата. Храната е суштинската врска помеѓу природата и културата. Храната што ја јадеме нѐ поврзува со земјата, почвата и со морето и е составен дел од нашиот идентитет.
– Глобалниот индустриски систем на храна не обезбедува здравје и квалитетна исхрана на целото човештво. Напротив, тоа предизвикува деградација на животната средина и губење на биолошката разновидност. Потребна ни е длабока трансформација за да одговориме на предизвиците на постојаната неисхранетост и руралната сиромаштија, отежнати од растечките последици од климатските промени – велат организаторите.
Фокусот годинава е на одржливото земјоделство, правичната дистрибуција, квалитетот пред квантитет и одговорноста за животната средина со цел обезбедување добра, чиста и правична исхрана за сите.
– Прашањето не е како да се нахрани светот, туку како да се нахрани населението додека се зачувува планетата. Транзицијата кон агроекологија е итна и бара посветеност и истрајност од сите актери во системот за храна – вели претседателот на „Слоу фуд“, Едвард Мукииби.
Агроекологијата ги охрабрува и им овозможува на заедниците да развијат разновидни земјоделско-прехранбени системи. За да го сторат тоа, луѓето низ прехранбените системи работат во партнерство, искористувајќи ги нивните локални знаења и културни вредности на рефлективен и итеративен начин што поттикнува заемно учење меѓу истражувачите и практичарите, како и хоризонталното ширење на знаењето од земјоделец до земјоделец и помеѓу други актери по должината на синџирот на исхрана. Агроеколошката транзиција што се бара се заснова на препознавање на сите начини на кои производството, дистрибуцијата и потрошувачката на храна влијаат на заедниците и на природната средина; ја нагласува стратегиската важност на холистички да се посвети на системот за храна, наместо да се фокусира исклучиво на производството на храна.
Меѓународниот пазар „Тера мадре“ е место за средба на илјадници производители и посетители од целиот свет. Како и секогаш, пазарот е единствен простор за откривање на извонредната разновидност на храна, култури и одржливи методи на производство од целиот свет.