Нова батерија од Холандија користи водородни и железни соли, трае десетици илјади циклуси и би можела да го промени начинот на кој енергетските мрежи складираат енергија. Холандската компанија „Елестор“ тестираше нов тип батерија што би можела да го промени начинот на кој енергијата се складира во енергетските мрежи. Иновативниот систем на батерии од водород и железо издржал десетици илјади циклуси и може сигурно да работи до 25 години. За разлика од литиумските батерии, оваа технологија користи широко достапни материјали – водородни и железни соли. На овој начин целосно беше избегната зависноста од ретки и скапи суровини, како што се литиум, кобалт или ванадиум.
Она што го издвојува овој систем е неговата скалабилност. Моќноста на батеријата зависи од електрохемискиот модул, додека капацитетот се зголемува едноставно со додавање поголеми надворешни резервоари со електролити. За време на тестирањето во реални услови, батеријата покажа енергетска ефикасност од повеќе од 80 отсто, додека вкупната ефикасност на системот надминува 75 отсто. Истражувачите потврдија дека дури и по долготрајна употреба нема структурна деградација на јадрото, а перформансите лесно се враќаат на оптимално ниво со едноставно приспособување на режимот на работа. Покрај долговечноста, клучен адут е цената. Трошоците за капитални инвестиции се проценуваат на само 15 евра за киловат-час.
Ниската цена, во комбинација со употребата на евтини и достапни материјали, го прави системот „Елестор“ исклучително привлечна алтернатива за долгорочно складирање електрична енергија во големи енергетски мрежи. Останува да се види дали наскоро ќе најде широка употреба.
































