„Хевенфетамин“ се Хироки Ода (синтисајзер/вокали) и Сара Ода (тапани/вокали) од Јапонија, кои ќе настапат утре, во 21 часот, во клубот „Ла кања“. Тие свират музика што е истовремено прецизна и непредвидлива, ги синхронизираат тапаните со електронски синт секвенци и луп педали, создавајќи хаос од дисциплина и слобода во кој се раѓаат композиции што пулсираат како техно, но задржуваат панк-енергија и органски звук. Мелодичните вокали на јапонски внесуваат дополнителна интимност во нивниот музички универзум (краут, психоделија, постпанк, есид хаус), во кој жанрот е само хемиска состојка за доживување и препуштање.

Двојката го напушти родното Токио во 2021 година и оттогаш практично живее на турнеја. Досега имаат свирено на повеќе од 150 концерти во 37 земји, носејќи ја својата музика насекаде, од сквотови до големи фестивали како „Талин мјузик вик трансмјузикал фестивал“. Тие редовно настапуваат во градовите во Украина што се погодени од војната и снимаат со локални музичари. Нивниот прв долгосвиречки албум „The Sun on a Winter Day“, снимен во Киев среде воздушни напади и прекини на струја, беше објавен во август 2024 година од украинската издавачка куќа „Контрабас“.

Во текот на вечерта на импозантниот ѕид на „Чифте-амам“ ќе бидат проектирани експериментални филмови на јапонскиот режисер Тошио Матсумото.

Со ова започнува концертниот серијал на современа и експериментална музика, насловен „ПРЕΔИЗВУК: од хаос до хармонија“. Куратор и продуцент е Ѓорѓи Јаневски. Дизајнот на постерот го потпишува Тања Вукобрат.