Влатко Стефановски, еден од најценетите гитарски виртуози на овие простори, стои зад сите инструментални верзии на песните од големиот проект „Hitmaker – Ѓорѓе Новковиќ“, кои се веќе достапни како ново дигитално издание.

Станува збор за целосна колекција од десет безвременски хитови во целосно инструментално руво, отсвирени во препознатливиот, емотивен и суверен стил на Стефановски.

Специјалното дигитално издание Guitar sings ги донесува инструменталните верзии на песните: „Zora je“, „Nada“, „Žuta ruža“, „Ostala si uvijek ista“, „Virujen u te„, „Prva noć sa njom“, „Južnjaci“, како и три песни во чии вокални верзии учествуваа Петар Грашо („Ako me ostaviš“), Борис Новковиќ („Takav je život„) и Миа Димшиќ („Stari Pjer“). Овојпат песните дишат поинаку – без вокали, но со полнокрвната гитарска експресија на Стефановски, која ја истакнува мелодиската сила на композициите на хитмејкерот Ѓорѓе Новковиќ.

Овие инструментали се снимени како засебен уметнички концепт, создавајќи атмосфера што истовремено пренесува носталгија, виртуозност и современост. Дигиталното издание е достапно на сите стриминг-платформи, додека до крајот на годината проектот ќе биде објавен и на ЦД, а на почетокот од следната година и на винил, со што целиот инструментален материјал ќе добие и свои физички изданија.