За првпат од 2015 година, „Гугл“ има ново лого со буквата Г (G), а промената прво е видлива за корисниците на иОС. Логото на „Гугл“ е едно од најпрепознатливите во светот. Технолошкиот гигант не го менува често начинот на кој се претставува пред светот, но по една деценија од последниот редизајн, одлучи да ја освежи својата позната буква Г.
На 1 септември 2015 година „Гугл“ претстави модернизирана верзија на своето класично лого, изработено во фонтот Родакт санс, со неколку интересни анимации. Како дел од тој редизајн беше претставена покомпактна верзија, во која малата буква „г“ беше заменета со голема, кружна. И покрај поедноставниот дизајн, сите бои на „Гугл“ се задржани, јасно разграничени и препознатливи.
Сега „Гугл“ полека почнува да го ажурира своето лого Г. Промената првпат се забележува во иконата на апликацијата Гугл за иОС, која веќе е достапна за сите – како и во бета-верзијата 16.18.37 на апликацијата Гугл за андроид.
Новото лого Г е речиси идентично на старото, па ако не погледнат внимателно, корисниците лесно можат да пропуштат дека нешто се променило, особено на малиот екран на паметните телефони. Сепак, постои една важна разлика – четирите бои на „Гугл“ повеќе не се јасно разграничени, туку се прелеваат една во друга. Новиот дизајн е подинамичен и повеќе во согласност со градиентите на бои што „Гугл“ ги користи веќе некое време за апликацијата Џемини.
Засега главното лого на компанијата и прелистувачот останува исто, но со право се очекува дека новиот правец во дизајнот наскоро ќе ги достигне логоата на апликациите со икони како што се Џимејл, Гугл мапс и Гугл драјв, а можеби дури и Хром.