Во галеријата „Ко-ра“ е отворена групната изложба „Вечното танго – љубов“. Оваа традиционална мултимедијална, мултикултурна и интернационална изложба секоја година обединува сѐ повеќе учесници од земјата, но и од надвор. Изложбата ја отвори Виолета Калиќ, кураторка на овој проект, која по тој повод истакна дека целта е овој традиционален проект да биде синтеза на уметностите, но да се продлабочува и со интердисциплинарно вклучување и на други сфери што ќе придонесат за аналитичноста на тангото како културолошки феномен.
Изложбата обединува разнородни дискурси и тенденции, изразни форми, светогледи, медиуми, техники и формати, вклучувајќи слики, графики, колажи, масло, акрилик, комбинирана техника, фотографија, дигитален принт, инсталација, скулптура и моден дизајн – модна креација, музика и танц инспирирани од златниот век на тангото и од аранжманите на славниот Астор Пјацола како синоним за таа синтеза на културолошки влијанија.
На годинашната изложба помеѓу учесниците се: Ал Џонсон од САД, Лоран Дубоа од Белгија, Пипо Алтомаре и Федерика Рика од Италија, Џаспер Фирлинџер од Нов Зечланд, Амина Љајиќ од Србија, Гордана Винчиќ од Шведска, Верина Николова од Франција, а поголем дел се учесници од Македонија: Фехим Хусковиќ, Марија Ачкоска Николова, Марија Светиева Ергас, Јасминка Новковска, Наталија Пулејкова, Александар Префо Рашковиќ и др. Дизајнот на поканите и плакатите е на Билјана Билбилоска. Отворањето на овој мултимедијален проект беше проследено и со танц-перформанс со членовите на школата за аргентинско танго „Фамилија Тангови“.