Како резултат на зголемувањето на температурата на воздухот и морето, местата како Гренланд и Свалбард стануваат подостапни и попосакувани за посетителите. Што прават надлежните и дали е потребно да се воведат мерки за регулирање на бројот на посетителите? Неодамна во главниот град на Гренланд беше отворен нов меѓународен аеродром.
Според полската новинска агенција, новата писта долга околу 2,3 километри на аеродромот во Нуук го пречека првиот авион на „Ер Гренланд“ од Копенхаген. Во авионот имало официјални лица, меѓу кои и данскиот министер за надворешни работи. Изградбата на терминалот чинеше дури 800 милиони долари. Се очекува аеродромот да стане клучна компонента во туристичкиот развој на островот. Целта е да се привлечат туристи од Европа и Северна Америка, но инвестицијата предизвикува загриженост за влијанието врз уникатната природа. Пристаништето е дизајнирано да прими 800 луѓе на час, а летовите за Канада и САД се очекува да започнат следната година. Претседателот на аеродромот посочува дека тој проект има цел не само да го зголеми бројот на туристи туку и да ги развие другите сектори од економијата. Островот привлекува посетители со својата недопрена природна средина, а само во 2023 година го посетиле повеќе од 130.000 туристи. Споредено со референтната 2019 година, тоа е зголемување од 46 проценти.
Владата постави амбициозна цел туризмот до 2035 година да учествува со 40 отсто од вредноста на извозот. За да се постигне тоа, потребно е двојно да се зголеми бројот на гостите. Во моментов, во извозниот сектор на Гренланд доминира рибарството, а неговото население главно се Инуити. Поголемиот дел од него е покриен со глечери, додека луѓето претежно живеат на брегот во мошне тешки услови. Островот е автономна територија на Данска, а поради климатските промени и топењето на глечерите станува сѐ попристапен. Инвестициите во туризмот, пак, предизвикуваат загриженост кај жителите и експертите, кои како пример го наведуваат Исланд, каде што зголемувањето на бројот на туристи доведе до проширување на инфраструктурата – се разбира на сметка на природата.
Свалбард е норвешка островска група во Арктички Океан лоцирана помеѓу Гренланд и Нова Земја. Повеќето од островите се под заштита (национални паркови, природни резервати). Лонгјарбиен, најсеверниот град во светот што се наоѓа на Свалбард, повремено го посетуваат поголеми бродови за крстосување.