Фото: Пиксабеј

Еди Кју, потпретседател на „Епл“ задолжен за услуги, ги презентираше информациите за време на антимонополската парница што се води против бизнисот за интернет-пребарување на „Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“. За акционерите на „Алфабет“, бизнисот за интернет-пребарување долго време е извор на загриженост, особено поради конкуренцијата управувана од вештачка интелигенција, како што се ЧетГПТ на „ОпенАИ“ и други слични платформи. ЧетГПТ нуди директни одговори на прашањата на корисниците, додека бизнис-моделот на „Гугл“ се базира на прикажување врски до веб-страници. „Гугл“ ѝ плаќа на „Епл“ 20 милијарди долари годишно за да биде „стандарден прелистувач“ на ајфон.
Во вчерашното тргување акциите на „Гугл“ паднаа за повеќе од 8 проценти, затворајќи на 149,09 долари, додека акциите на „Епл“ паднаа за 1,8 проценти, на 194,94 долари. Пазарната вредност на „Гугл“ се проценува на 1.840 милијарди долари, што значи дека загубата е околу 147 милијарди долари. Министерството за правда на САД моментално води антимонополска тужба против „Гугл“ поради неговата доминација во интернет-пребарувањето. Федералниот судија Амит Мехта минатата година пресуди дека „Алфабет“ нелегално одржува монопол врз услугите за онлајн пребарување и со тоа ги спречува конкурентите да развиваат свои производи. Клучен дел од пресудата се однесува на плаќањата што „Гугл“ ги врши на „Епл“ e за да остане стандарден пребарувач на ајфон. Кју ги даде своите коментари за време на сослушувањето, кое се фокусираше на можните антимонополски мерки.
Се очекува судијата Мехта да донесе одлука за потенцијалните казни за „Гугл“ до август. Министерството за правда бара „Гугл“ да биде принуден да го продаде својот прелистувач Хром и да преземе други мерки, кои би можеле да вклучуваат промени во договорот со „Епл“. Во меѓувреме Кју исто така сведочеше дека „Епл“ размислува да додаде пребарување базирано на вештачка интелигенција во својот прелистувач Сафари. Извршниот директор на „Алфабет“, Сундар Пичаи, минатата недела изјави дека се надева дека ќе склучи договор за лиценцирање со „Епл“ за да ја користи нивната платформа за вештачка интелигенција Џемини.