Фото: Пиксабеј
  • Се проценува дека 98,5 проценти од обработливата земја се недостапни за обработување, а производството на храна не може повторно да се активира без значителни промени во достапноста, безбедноста, поддршката на локалните заедници и новите извори на живеење

Новата процена на Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО) и на Сателитскиот центар на Обединетите нации (УНОСАТ), извршена преку анализа на сателитски снимки, открива запрепастувачка реалност: 98,5 проценти од обработливата земја во Појасот Газа се оштетени, недостапни или и двете, стои во извештајот на ФАО. Тоа значи дека само 1,5 процент од обработливата земја во Газа – 232 хектари – моментално е достапна за обработување, во однос на 4,6 проценти (688 хектари) во април 2025 година, и на територија со над два милиона луѓе. Сателитските снимки исто така покажуваат дека 12,4 проценти од обработливата земја, иако неоштетена, не е достапна поради одредени забранети зони.

Решавањето на оваа криза бара итен пристап

– Комбинацијата на оваа исклучително ограничена достапност на обработливо земјиште, влијанието на немилосрдниот конфликт, сериозните ограничувања во испораката и дистрибуцијата на хуманитарна помош и широко распространетото уништување на критичната инфраструктура – вклучително и системите за наводнување, патиштата, опремата, складовите и пазарите – доведоа до катастрофални услови за сигурност на храната во цела Газа – сметаат Обединетите нации.
Оттаму предупредуваат дека „решавањето на оваа криза бара итен, сигурен и одржлив хуманитарен пристап, како и итни инвестиции и поддршка за обнова на локалното производство на храна и основни средства за живот“.
– За да спречиме натамошно страдање, мораме да му дадеме приоритет на итниот хуманитарен пристап и да инвестираме во обновата на локалните аграришно-прехранбени производствени системи, пазарите и инфраструктурата во Газа. Тоа вклучува и повторно добивање сигурен пристап до обработливо земјиште и обновување на земјиштето и имотот оштетени од конфликтот – изјави Рајн Полсен, директор на ФАО за итни случаи.
Процената на обработливо земјиште на ФАО и УНОСАТ следува по предупредувањето на Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (IPC) издадено на 29 јули, кое укажува на тоа дека во Појасот Газа во моментов се случува најлошото сценарио на глад.

Бројот на домаќинства во екстремен глад двојно се зголемил

Газа се наоѓа во состојба на глад, бидејќи праговите за потрошувачка на храна и акутна неисхранетост веќе се надминати во повеќе области. Бројот на домаќинства во екстремен глад двојно се зголемил помеѓу мај и јули 2025 година, а сè поголем број луѓе поминуваат денови без храна. Акутната потхранетост на децата нагло расте: во Газа гладот со 4,4 проценти во мај скокна на 16,5 проценти во првата половина на јули.
Повеќе од 20 илјади деца се примени на лекување поради акутна неисхранетост помеѓу април и средината на јули, а повеќе од три илјади од нив со најтешка форма. Механизмите за преживување се уништени, луѓето повеќе немаат имот за продажба, пристап до заеми ниту поддршка однадвор, а се бележат секојдневни смртни случаи од глад и болести поврзани со гладот.
Потребен е безусловен хуманитарен пристап и обновување на локалната производствена храна за да се спречат понатамошни трагични загуби на животи. Најновите податоци откриваат дека повеќе од една третина од луѓето (39 проценти) живеат со денови без храна. Повеќе од 500.000 луѓе – речиси четвртина од населението на Газа – доживуваат услови слични на глад, додека другите се соочуваат со вонредни нивоа на глад.