Песни што ме тераат да играм
На 18 декември 2022 година на 63-годишна возраст почина лидерот на „Спешлс“ и на „Фан бој три“. Светот го изгуби можеби најголемото име од светот на ска-музиката (заедно со „Меднес“ и „Бед менерс“ го сочинуваа најсилното трио на островската ска-сцена). „Спешлс“ и Тери Хол доаѓаат од Ковентри, Обединето Кралство, град со околу 250.000 жители и центар на британската автомобилска индустрија до 1976/1977 година, или таканареченото златно време. Сето тоа го снемува прекуноќ и од крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите Ковентри влегува во длабока економска криза, со едно од највисоките нивоа на невработеност во земјата поради затворањето на големите фабрики, особено во водечката автомобилска индустрија и колапсот на локалните синџири на снабдување. Во 1979 година премиер станува железната Маргарет Тачер, која многу се трудеше, но залудно, нацијата беше тотално предадена.
Тој период „Спешлс“ со Тери Хол го преточи во стихови и ја направи песната (1981 г.), „Ghost Town“, која заедно со „London Calling“ на „Клеш“ стана химна на обесправените. Стиховите велат: „Овој град станува како град на духови / сите клубови се затворени / ова место станува како град на духови / бендовите повеќе не свират / премногу тепачки на подиумот / дали се сеќавате на старите добри времиња пред да стане град на духови? / Танцувавме и пеевме, а музиката свиреше во де-бум-таун / Овој град станува како град на духови / зошто младите мора да се борат против себе? / Владата ги остава младите настрана / ова место станува како град на духови / Не може да се најде работа во оваа земја / Ова вака повеќе не оди, народот се лути? Овој град станува како град на духови…“
Песната „Ghost Town“ станува омилена песна на цела генерација млади луѓе од тој период, бидејќи сѐ што беше испеано во таа песна се однесуваше не само на Ковентри туку на целата земја. Таа станува неофицијална химна на еден неверојатно тежок период.
Подоцна „Спешлс“ се распаѓа, а Тери Хол, заедно со Невил Стејпл и Линвал Голдвин, ја оформува „Фан бој три“ и повторно создава неверојатни музички рапсодии. Тери Хол важи за еден од најдобрите вокали, текстописци и музичари од тој период, обожаван и од публиката и од критиката. Крајот на секој концерт го завршуваше со зборовите: „Љубов, љубов, љубов, љубов… само љубов“.
Љупчо Давчев