Германската трилер-драма „Шок“, во режија на Даниел Ракете Зигел и Денис Москито, од вчера премиерно се прикажува во домашните киносали. Филмот е на редовен репертоар во киното „Милениум“ во Скопје, секој работен ден од 27 февруари до 5 март во терминот од 18 часот, а вчера беше прикажан и во Кинотеката на Македонија.
Во сабота, филмот ќе игра и во Центарот за култура во Битола во малата сала во терминот од 20.30 часот, додека, пак, од 6 до 8 март ќе се прикажува и во киното „Манаки“ во Битола.
„Шок“ е современ неоноар-трилер инспириран од класикот „Пушер“ на Николас Виндинг Рефн. Филмот, кој премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Минхен, носи неизвесност, акција и мрачен реализам, поддржан од одлична продукција и извонредни перформанси на актерите, вклучувајќи го и Денис Москито.
Овој трилер раскажува за Бруно, поранешен доктор што ја изгубил лиценцата, но продолжува да лекува пациенти што не сакаат да се регистрираат во системот. Но сè се менува кога адвокатот Кребер му предлага да лекува криминалец со леукемија. Неговата одлука не само што го става во средина на конфликтот меѓу ривалски банди туку и го соочува со сопствениот зет, кој му е противник на новиот пациент. Додека насилството и криминалот ескалираат околу него, Бруно се вовлекува во мрачната игра на организираниот криминал, што не само што го загрозува неговиот живот туку и здравјето на пациентите што се потпираат на него.
Дистрибутер на филмот е „КТ филм и медиа“ од Битола, а дистрибуцијата е поддржана од „Џерман филмс“.