„Фолтин“ одбележува 30 години постоење
- Бранислав Николов (вокал), Пеце Николовски (кларинет, каос-пад, усна хармоника), Пеце Трајковски (електронски акордеон, електрична гитара), Гоце Јованоски (бас) и Славчо Јовев (тапани) се составот на бендот што в сабота, со почеток во 20 часот, го слави својот јубилеј со концерт во Македонската филхармонија
Еден од најоригиналните музички бендови на македонската алтернативна сцена, „Фолтин“, одбележува 30 години постоење, творење, музицирање… Малку групи кај нас успеале да останат толку својствени, а истовремено постојано свежи. „Фолтин“ не е само бенд туку е и перформанс, театар, звук, игра на емоции, интелект. Од првите појавувања до денес тие создаваат музика што не се опишува, туку се доживува, со елементи од кабаре, медитеранска мелодија, електроника, импровизација и оној препознатлив „псевдојазик“ што одамна стана нивни печат.
Бранислав Николов (вокал), Пеце Николовски (кларинет, каос-пад, усна хармоника), Пеце Трајковски (електронски акордеон, електрична гитара), Гоце Јованоски (бас) и Славчо Јовев (тапани) се составот на бендот што в сабота, со почеток во 20 часот, го слави својот јубилеј со концерт во Македонската филхармонија.
Во овие три децении „Фолтин“ созреа во уметнички ансамбл што поврзува различни дисциплини. Нивните настапи се мини-театарски претстави. Нивната музика создава културен пејзаж каде што поезијата и музиката одат рака под рака. Нивниот звук носи и авангарда и интимност. Зад нив се десетици албуми, концерти, турнеи и соработки, но и огромна работа во театарот и филмот, каде што нивната музика го збогатува сценскиот јазик на многу режисери. Музиката на „Фолтин“ е дел од „Медена земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Со љубов“, „Cash & Marry“ и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувале во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција, Чешка…
Групата „Фолтин“ е основана во 1995 година во Битола. Нејзиниот изворен јазик е повеќе уметнички и експериментален, а текстовите се фонетска имитација на неколку природни јазици од Медитеранскиот Регион, што тие самите го нарекуваат „спонтан есперанто“. „Псевдоемигрантско кабаре“ е нивниот карактеристичен звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. Подоцна, со текстовите на македонски јазик, „Фолтин“ отвора ново поглавје, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре.
„Фолтин“ во своите почетоци дејствуваше и како концертен состав и како музичари што учествуваат во процесот на создавање и изведување театарски претстави. И тоа фино го менуваа. Кога ќе се заситеа од музиката што ја создаваат за себе, се втурнуваа во работа на музика за театарска претстава… И потоа истото тоа, ама обратно. И така течеше нивниот циклус на музичко живеење. „Фолтин“ и натаму останува редок бисер на нашата музичка сцена. И затоа, нивниот јубилеј не е само концерт туку и потсетник дека вистинската уметност секогаш наоѓа нови начини да дише.


































