Според официјалните податоци, на територијата на Македонија има повеќе од илјада градби и места што се прогласени за културно наследство на државата. Меѓу нив е и манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Берово или манастирот „Свети Наум“. Покрај овие познати и значајни објекти од македонското културно наследство, постојат голем број градби и места што се прогласени за културно наследство но се непознати за пошироката македонска јавност. Тука би ја издвоиле пештерната црква „Вознесение Христово“, позната и како „Свети Спас“, во близината на струшкото село Вишни
Грижата за македонската традиција да биде вградена во националните приоритети
Културното наследство го зачувува начинот на кој нештата биле, начинот на кој нашите предци размислувале и се однесувале. Оттука, културното наследство, како наследство од минатото, е и наше наследство, наше сеќавања. Ова сеќавање може да биде поврзано со физички места и предмети, како и со нематеријални верувања и практики. Зачувувањето и негувањето на културното наследство во суштина е и пренесување на традицијата, традиција што може да го зачува начинот на кој живееле нашите предци. Во оваа конотација академик Владо Камбовски вели дека грижата за нашето културно наследство е сигурна и неоспорна антиципација на нашата современа општественост, како и дека нашата културна историја била создадена околу универзални духовни вредности, кои се непореклива сознајба за ембрионалниот период на создавањето и развојот на македонската национална култура и посебност.
Според официјалните податоци, на нашата територија има повеќе од илјада градби и места што се прогласени за културно наследство на Македонија. Меѓу нив се и манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Берово и манастирот „Свети Наум“. Покрај овие познати и значајни објекти од македонското културно наследство, постојат голем број градби и места што се прогласени за културно наследство но се непознати за пошироката македонска јавност. Тука би ја издвоиле пештерната црква „Вознесение Христово“, позната и како „Свети Спас“, во близината на струшкото село Вишни.
Станува збор за црква што се наоѓа на околу три километри североисточно од селото Вишни, по кањонот на реката Сушица, на местото Трпезите. Природниот отвор на пештерата се наоѓа на јужната страна и е затворен во долниот дел со камен, во кој е сместена влезната врата. Денес, од стариот храм, направен од дрвена граѓа, останале само траги. Моментално, лошата состојба на живописот се должи пред сѐ на непосредното влијание на атмосферската влага, која за време на влажните периоди од годината навлегува во внатрешноста и предизвикува механички ерозии.
Во апсидниот дел е насликана Света Богородица, која за првпат е сигнирана како спилиотиса, т.е. пештерна, од типот на оранта, со малиот Христос на градите, а под неа е насликана голема композиција „Литургиска служба на светите архијереи Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст“. Тие се поклонуваат на Светата трпеза на која е положен малиот Христос. На северната страна се насликани светите врачи доктори Св. Кузман и Дамјан, а до нив светителките маченици Св. Марина, Св. Недела, Св. Текла и Св. Петка Трновска.
Станува збор за непознат зограф, но солиден мајстор, кој своите фигури многу вешто ги вклопува во нерамниот простор, поради што тие не губат многу од реалноста на формите и пропорциите. Реален е впечатокот дека насликаните ликови во овие композиции зографот многу вешто ги трансформира преку една монументална форма.
Според Павле Митревски, вниманието на научната јавност и туристичките работници, како и на селаните од Вишни, за оваа пештерска црква го привлекол академик Цветан Грозданов, кој со своите истражувања констатирал дека овој споменик на културата е граден кон крајот на 14 и почетокот на 15 век. Митревски исто така укажува дека пештерните цркви во Радожда и Вишни можеби се поврзани со манастирот „Перивлепта“ и Климентовиот „Св. Пантелејмон“.
Неколку наши соговорници од областа на културата и културното наследство сметаат дека како нација и општество не си го познаваме доволно културното наследство. Според нив, оваа состојба треба да се промени преку поголема афирмација на културните споменици, како што е пештерната црква „Вознесение Христово“ во близината на селото Вишни.
– Мора да го негуваме културното наследство, бидејќи тоа во многу големи размери е поврзано и со зачувувањето на еден народ, затоа што преку наследството ни ги прикажува културата и историјата на нашите предци – заклучуваат нашите соговорници.
Маската на Света Спасица станала најценета реликвија на пештерната црква
Со пештерната црква „Вознесение Христово“ е поврзана и една легенда. Спасовден, како што се нарекува денот на Христовото вознесение, е еден од дванаесетте главни религиозни празници што со голема почит се слават во христијанскиот свет. Во струшкиот крај, поточно во селата Вишни и Вевчани, Спасовден е ден кога тамошните луѓе се потсетуваат на една стара легенда. Како што кажува таа – во Вевчани некогаш живееле брат и сестра што со голема љубов и без остаток му се предале на христијанството и живееле свет живот.
Поради тоа, населението од целиот крај ги прифатил како светци и кон нив се однесувало со особена почит. Особено била почитувана сестрата, која се викала Спасица, која кога се задевојачила, се преселила во пештерната црква кај с. Вишни, каде што, живеејќи како калуѓерка и ткаејќи по цел ден килими на разбој, го минала остатокот од својот живот. По нејзината смрт, а живеела долго, селаните од с. Вишни сакале да го зачуваат споменот за неа. Неколку години откога починала, тие го зеле нејзиниот череп и го однеле во Струга кај најдобриот и најпрочуен кујунџија од тоа време, за тој од срма и филигран да направи сребрена маска со која ќе се заштитат останките на светата Спасица. Во годините потоа маската на Света Спасица станала најценета реликвија на пештерната црква.
Оттогаш секој Спасовден девојките од селото Вишни и околните села се собираат за да појдат на поклонение во црквата, носејќи притоа подароци. Имено, според легендата, се верува дека таа ќе им помогне што побрзо среќно да се омажат. Според утврдениот ритуал, девојките, откако ќе ѝ се поклонат на светицата, ја земаат нејзината сребрена маска и со неа го обиколуваат целото село, одејќи од куќа во куќа и собирајќи дарови за црквата. Инаку, честа да ги носи реликвиите на Света Спасица секогаш ѝ паѓа на најстарата немажена девојка од селото, бидејќи се верува дека тоа ќе ѝ помогне да го најде својот касмет, т.е. своето момче. Д.Ст.