фото: Ка.М.

На Рудина кај Долнени денеска и утре ќе одекнат гајдите, тапаните, зурлите, кавалите, кеманињата и по 51. пат ќе се одржи Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, кој го негува и го зачувува изворниот мелос во Македонија. Активностите за фестивалот започнаа деновиве со семинарот на кој 20 млади учеа да свират на народни инструменти.

Годинава Фестивалот е во старо-ново руво. И со терминот на одржување и со одржувањето на фестивалските денови.

– Фестивалот се враќа на корените, како што почна. Поврзан е со празникот Спасовден и сакаме да ја одржиме традицијата дека Долнени е лулка на гајдаџиството. Некогаш постоеле дури околу 150 гајдаџии. Секако, Фестивалот нераскинливо е поврзан и со Прилеп каде се одржуваат семинарот за изучување на народните инструменти и песни, а секако во Прилеп се пренесува и целата атмосфера преку музицирањето на дел учесници во центарот на градот – вели Горан Василески, претседател на ИО на фестивалот „Пеце Атанасовски“.

Вчера во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ се одржа традиционалниот симпозиум „Фолклорот во минатото и денес“ на кој беше промовиран зборникот со трудови на еминентни експерти на фолклористиката.

Со оглед на тоа што од декември 2024 година гајдата и нејзиниот начин на изработка се на листата на УНЕСКО како заштитено нематеријално културно наследство, за што свој удел во заштитата има и Фестивалот, од годинава се воведува Ден на гајдата како настан во рамките на оваа национална манифестација.

В недела на завршниот фестивал, жири-комисијата на Фестивалот ќе ги додели наградите на најдобрите изведувачи, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие наградата „Гајдата на Пеце“ што ја доделува општина Долнени.

 Ка.М.