Европскиот парламент усвои построги прописи насочени кон подобра заштита на кучињата и мачките како домашни миленици. Прописите беа усвоени бидејќи досега немаше унифицирани стандарди за одгледување домашни миленици.
Серија нови прописи, за кои гласаа речиси 450 од 750 европратеници, имаат цел посеопфатно да се борат против злоупотребата во одгледувањето кучиња и мачки во ЕУ, објавуваат германските медиуми. Новите правила забрануваат осакатување на животни, нелегална трговија и одгледување со неповолни и болни карактеристики, како што се рамни муцки и кратки нозе, а на таквите животни нема да им биде дозволено да се натпреваруваат или да учествуваат на изложби.
Сечењето уши или опашки е исто така забрането, освен ако не е медицински неопходно, кое ќе мора да се направи под анестезија, а забрането е и инцестуозно парење.
Прописите забрануваат болно дресирање и болно ограничување на движењето, како што е употребата на електрични ремчиња. Домашните миленици ќе мора да бидат микрочипирани со информации за возраста, полот и потеклото на животното, а тие податоци ќе бидат складирани во централна база на податоци управувана од ЕУ.
Сите кучиња треба да бидат микрочипирани најдоцна пет години по стапувањето во сила на законот, кој треба да придонесе за поефикасна борба против нелегалната трговија со кучиња и мачки. Исто така, едно од правилата е дека животните донесени во ЕУ од земји што не се членки мора да бидат микрочипирани.
Според процените на ЕУ, околу 44 проценти од сите граѓани на ЕУ поседуваат домашно милениче, а во 60 проценти од сите случаи, животните се купуваат преку интернет.