Фото: Пиксабеј

Револуционерен проект на германски научници

Научниците од Техничкиот универзитет во Дармштат развиваат иновативен начин за складирање и производство на енергија со помош на ’рѓосано железо, што може значително да придонесе за стабилизирање на електричните мрежи. Нивниот проект наречен „Чисти кругови“ се заснова на користење железо како еколошка алтернатива на јагленот и гасот. Суштината на нивниот метод лежи во согорувањето на ситно мелениот железен прав, кој ослободува топлина без емисии на јаглерод диоксид, што го прави железото исклучително чист извор на енергија, пишува германскиот весник „Фокус“
Клучниот елемент на овој циклус е ’рѓата – железен оксид што може повторно да се претвори во чисто железо со користење зелен водород, со што се овозможува повторна употреба на овој метал за складирање и производство на енергија.
Според професорот Андреас Драјзлер, портпарол на проектот и експерт за реактивни струи и технологија за мерење, овој метод ќе овозможи складирање зелена енергија произведена од обновливи извори. Тоа би го решило проблемот со достапноста на енергија во текот на ноќните и зимските месеци, кога сончевата светлина не е доволна за производство на сончева енергија. Драјзлер вели дека потенцијалот е огромен и може да добие големо значење низ светот, особено што 27 милиони тони железо и 1,6 милијарда тони ’рѓа или железна руда се транспортираат низ светот со железница или брод секоја година.
– Железото е идеално решение, бидејќи металот не се троши и може да се наполни како батерија – вели Кристијан Хасе, професор по симулација.
За да ја тестираат ефикасноста на новата технологија во поголем обем, истражувачите спроведуваат експерименти во демонстративна централа на Техничкиот универзитет во Дармштат. Оваа електроцентрала, која претходно се користеше за тестирање на согорувањето биомаса и отпадни материјали, сега е приспособена да произведува еден мегават енергија од железо. Доколку се покаже дека овој модел функционира во поголем обем, се планира технологијата да се примени во термоцентрала во Берлин, која во моментов користи јаглен како гориво. Доколку проектот биде успешно спроведен, многу германски термоцентрали, кои инаку би биле затворени, би можеле да продолжат да работат без емисии на јаглерод диоксид, користејќи железо и ’рѓа како енергетски циклус на иднината.