ОН првпат повикаа на глобална акција
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во четвртокот ги повика земјите да се справат со епидемијата на екстремни горештини, откако светот, кој ги трпи последиците од климатските промени, ја забележа највисоката глобална температура во неделата (21 јули). Според податоците на „Коперник“, програма на Европската Унија за набљудување на Земјата, просечната температура на површината во неделата достигнала 17,09 Целзиусови степени, што е малку повисоко од претходниот рекорд, забележан во јули минатата година – 17,08 степени.
– Екстремната топлина е новата абнормалност. Светот мора да знае како да одговори на тој предизвик – рече Гутереш.
Годинава топлотните бранови убија 1.300 аџии во Саудиска Арабија, во Африка и Азија училиштата беа затворени за околу 80 милиони деца поради високите температури, а бројот на хоспитализирани и починати во Сахел поради жештините се искачи на рекорд. Во текот на изминатата недела топлотни бранови ги зафатија САД, Европа и Русија. „Коперник“ потврди дека се чини дека е соборен минатогодишниот рекорд. Податоците се собираат од 1940 година.
Минатата година Земјата имаше четири рекордни дена по ред, од 3 до 6 јули. Климатските промени, поттикнати првенствено од согорувањето на фосилните горива, доведоа до екстремни горештини на северната хемисфера, пишува „Ројтерс“.
ОН ги повикуваат владите, покрај намалувањето на употребата на фосилните горива, главниот двигател на климатските промени, да ја зајакнат заштитата за најранливите групи, постарите, бремените жени и децата, и да ги зголемат грижата и заштитата на работниците на отворено. Според Меѓународната организација на трудот (МОТ), над 70 отсто од глобалната работна сила, 2,4 милијарди луѓе, се изложени на ризик од екстремни горештини. Во Африка речиси 93 отсто од работната сила е изложена на прекумерна топлина, а во арапските земји 84 отсто. Годишно околу 19.000 луѓе умираат како последица на жештините, а околу 23 милиони добиваат повреди на работа и затоа Гутереш повикува на „заштитни мерки за работниците, засновани на човековите права“. Тој исто така ги повика владите да ги заштитат клучните сектори, како што е здравството, од горештините.
Градовите се загреваат двојно побрзо поради урбанизацијата и недостигот од зеленило и ефектот на топлотниот бран. Се проценува дека до 2050 година, бројот на луѓе што се борат да живеат во урбани средини со екстремни горештини ќе се зголеми за 700 проценти.
Ова е првпат ОН да повикаат на глобална акција против екстремните горештини.