Фото: Пиксабеј

Како влијае храната на планетата?

Третина од стакленичките гасови доаѓаат од производството на храна, па повеќе од шеесетина научници на ниво на Европската Унија објавија процена за влијанието на храната врз околината. Тие предлагаат свртување кон исхрана со повеќе растенија и помалку месо.
Храната буквално ја уништува планетата, заклучија научниците во опсежната процена за ефектите на исхраната врз емисијата на стакленички гасови.
– Резултатите се загрижувачки, самата храна би можела да нѐ притисне да ја надминеме стапката од пораст на температурите над 1,5 Целзиусов степен – рече шведскиот научник Јохан Рокстром.
Речиси третина од глобалните емисии на стакленички гасови доаѓаат од производството на храна поради ослободувањето метан, сечењето на шумите и фосилните горива што се користат во производството на ѓубрива.
Но, експертите тврдат дека спасот лежи во свртувањето кон здравата исхрана. Таканаречената диета за здравје на планетата се состои од зеленчук, овошје, мешунки, јаткасти плодови, со намалување на употребата на млечни производи, птици и риби. За планетата да дише, треба да се намали црвеното месо, а експертите истакнуваат дека таквата исхрана би можела да ја преполови емисијата на гасови.
Епидемиологот Валтер Вилет истакнува дека тоа не значи задолжително веганска исхрана и дека планетата може да има придобивки и од медитеранската и азиската кујна, но со повеќе растителна храна, а помалку шеќер и месо. Од друга страна, храната богата со месо, според Вилет, е пат кон еколошка и здравствена катастрофа.
Овој панел на научници собрани во комисијата ЕАТ-Лансет се случува во момент кога зелениот план на Европската Унија е мртов. Соочена со протестите на земјоделците, координираното лобирање на индустријата и политичките последици од војната во Украина, ЕУ тивко се откажа од своите реформи во начинот на исхрана. Сега таа се бори со прашањата како да управува со увозот и дали треба да ги ограничи земјоделските субвенции.
– Храната е во фокусот, како и човечката благосостојба и здравјето на планетата – рече копретседателката Шакунтала Тилстед.