Ексклузивен концерт на „Танец“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски, се одржа во рамките на јубилејната година, кога ансамблот ја чествува 75-годишнината од основањето. Овој музичко-сценски спектакл беше насловен „Седенка се збира“, во чест на една од легендите на македонската народната музика, што остави неизбришлива трага во историјата на ансамблот „Танец“ и во македонската музичка култура воопшто.
Концертот се одржа во Македонскиот народен театар.
Легенда на македонската народна музика
Ѓорѓи Димчевски (1924 – 2006) е една од легендите на македонската народна музика, со неизбришлива трага во историјата на ансамблот „Танец“ и во македонската музичка култура воопшто. Во „Танец“ се вработил во 1954 година и на тоа место останал до крајот на својот работен век, до 1978 година, кога се пензионирал. Цели 25 години бил раководител на оркестарот, солист на виолина и тамбура, аранжер на песни и инструментални мелодии, но и автор на музички обработки на цели кореографии. Исто така, бил и одличен свирач на зурла, меѓу другото и на антологиското оро „Тешкото“. Со „Танец“ патувал насекаде низ светот, ширејќи го автентичниот македонски фолклор, а како инструменталист и автор на голем број музички обработки, тој е недвосмислено еден од значајните културни дејци, кои зад себе оставиле препознатлив печат во македонската музичка историја. Во архивата на „Танец“ е забележано дека меѓу авторите на музички обработки за сите 75 години, Ѓорѓи Димчевски е на водечкото место, со 25 регистрирани кореографии. Неговото име стои зад антологиските поставки: „Мариовска тресеница“, „Осоговка“, „Жетварка“, „Водарки“, „Тропнало оро“, „Цвеќеберачки“, „Солунка“, „Русалии“ и др. Исто така, за време на својот богат творечки век, запишал и мелографирал неколку стотици македонски народни мелодии и објавил неколку книги со народни песни и ора, „Вие се оро македонско“, „Седенка се збира“, „Македонски ора“, „Ајде да пееме заедно“. Ваквиот богат творечки опус, за ансамблот „Танец“, но и надвор од него, нѐ обврзува да му приредиме музичко-сценски настан во чест на 100-годишнината од неговото раѓање што ќе биде достоен за неговата големина. Програмскиот фокус е ставен на кореографското творештво, но и на неколку вокални, инструментални и вокално-инструментални сплетови, составени од прекрасни народни мелодии, кои биле предмет на неговите музички обработки. На концертниот дел од програмата ќе ѝ претходи документарен видеоосврт кон неговиот животен и творечки пат, за што се користени вредни материјали од архивите на „Танец“, МРТ и ТВ Телма, како и од приватната колекција на семејството Димчевски.
Богата програма од оставината на Димчевски
Во рамките на програмата, документарен осврт кон животот и делото на Ѓорѓи Димчевски имаше Бранка Костиќ-Марковиќ, а во видеото се користени материјали од „Танец“, МРТ, ТВ Телма и од приватната архива на семејството Димчевски.
Беше изведена кореографската поставка „Водарки“, која доминантно му припаѓа на источното игроорно подрачје, со претежно вклучени игри и песни од беровско-кочанскиот крај, но и црпи инспирација и од други региони во Македонија. Преку оваа целосно женска поставка, инспирирана од секојдневниот македонски селски живот, се прикажува обичајот на одењето по вода. Имено, дејствието се одвива навечер, кога младите девојки одат пред селската чешма, по напорната полска работа. Додека се полнат стомните со вода, девојките си даваат оддишка од макотрпната работа, преку убавата игра и песна. Во оваа кореографијата се вклучени повеќе ора, меѓу кои и познатите „Ратевка“ и „Беровка“, како и неколку прекрасни песни поврзани со кореографската тематика. Беа изведени и песни од вокалните циклуси на Димчевски: „Не се бели Маре, мори“, „Елено, ќерко“, „Промени се Суте“, „Јас ѝ реков добровечер“, „Јас ќе ти купам свилено фустанче“, во изведба на машката вокална група на „Танец“.
Потоа на репертоарот беше кореографската поставка „Осоговка“ („Арнаутка“), која се смета за една од најубавите типично машки игри во репертоарот на „Танец“, а по атрактивноста се смета за своевиден сценски спектакл на народната уметност. Во драмското дејствие, лоцирано од авторите во подножјето на Осоговските Планини, се нижат повеќе машки игри од источното игроорно подрачје, базирани на основниот играчки образец на орото „Арнаутско“. Всушност, оваа кореографска поставка, преку надигрувањето на машките групи, ја прикажува машката иницијација.
На програмата беше и инструментален сплет од мелодии од кореографскиот опус на Ѓорѓи Димчевски, како кореографската поставка „Мариовска тресеница“, една од постарите кореографии во репертоарот. Станува збор за женска обредна пролетна поворка од Мариово, поврзана со денот чист понеделник, понеделникот по Прочка, кога започнуваат долгите велигденски пости и кога домаќинките ги чистат своите домови и ги обезмастуваат садовите за храна за големиот пост. Игроорките во оваа поставка се облечени во богати автентични носии од мариовскиот крај, што остава дополнителен импресивен сценски впечаток. Музиката има посебен печат со својот чалгиски звук, а целокупната поставка претставува една мајсторски создадена монолитна творба, која е една од најатрактивните во богатиот репертоар на „Танец“.