Поради сушата што ја зафати Сицилија речиси исчезна единственото природно езеро на овој медитерански остров, кој е прибежиште за птиците на патот меѓу Африка и Европа. На Сицилија со месеци има недостиг од врнежи, поради што италијанската влада беше принудена да прогласи вонредна состојба. Езерото Пергуза, дел од природниот резерват во близината на градот Ене во централниот дел на Сицилија, драматично пресуши поради фаталната комбинација на високи температури и недостиг од дожд, соопштија научниците.
– Езерото повеќе го нема. Преостанатата вода што беше видлива до неодамна, целосно исчезна – рече Џузепе Марија Амато од еколошката организација „Легамбиенте“.
Сицилија, остров со околу пет милиони жители, веќе подолго време се справува со високите температури предизвикани од климатските промени. Пред три години беше забележан европски рекорд од 48,8 степени, а некои градови воведуваат рестрикции за вода. Во последниве години сушата погоди и други делови на Европа, како Франција и Шпанија. Особено е загрозен Медитеранот, каде што просечната температура е за 1,5 степен повисока од пред 150 години.
– Езерото Пергуза е показател за тоа дека Сицилија страда од климатските промени – рече Амато, додавајќи дека лошото одржување и канализацискиот систем ја влошуваат вонредната состојба.
Езерото е со големина од 1,8 квадратен километар. Опишано е во делото „Метаморфози“ на римскиот поет Овидиј, кој го нарекол место на убавина и „вечна пролет“.
Научниците веруваат дека сушата трајно ќе го оштети и биодиверзитетот околу езерото, во кое покрај птиците за време на нивните миграции живеат риби, мекотели и мали безрбетници. Целосното сушење и неисполнувањето со вода наесен би било вистинска катастрофа.
– Мора да разбереме дека климатските промени имаат свое влијание и дека почнуваат да предизвикуваат непоправлива штета – изјави експертот за клима Луиџи Пасоти.
Тој рече дека во изминатите 12 месеци на Сицилија паднале само 250 милиметри дожд, што е клучно за тој регион каде што земјоделството е мотор на економијата. Пергуза не е директно поврзана со локалното земјоделство, но недостигот од вода влијае на секторот во центарот на островот каде што земјоделците не можат да ги наполнат празните резервоари. Овошните и маслиновите насади се во опасност, поради што земјоделците купуваат вода по многу високи цени, но тоа наскоро може да се покаже како неодржливо, предупредуваат тие.
Херардо Форина, шеф на земјоделското лоби „Колдирети“, рече дека ситуацијата е „апсолутно ужасна“, особено за сточарите.
– Ни се заканува ризик од колење на добитокот поради недостиг од вода. Не паметам година толку сува како оваа – заклучи Форина.