Европската радиодифузна унија (ЕБУ) објави дека претставниците на Русија нема да бидат дел од годинашниот „Избор за песна на Евровизија“.
Извршниот одбор на ЕБУ ја донесе одлуката по препорака на Референтната група, раководното тело на фестивалот „Песна на Евровизија“, врз основа на правилата на настанот и вредностите на ЕБУ.
Препораката на Референтната група беше поддржана и од Телевизискиот комитет на ЕБУ.
Одлуката ја одразува загриженоста дека, во светлината на кризата без преседан во Украина, вклучувањето на руско учество на годинашниот натпревар ќе ги донесе останатите учесници во непријатна положба.
Пред да ја донесе оваа одлука, ЕБУ одвои време да се консултира со своето широко членство.
Сепак, првите луѓе на ЕБУ потенцираат дека Европската радиодифузна унија е аполитична организација, чии членки се радиодифузери посветени на одржување на вредностите на јавниот сервис во своите држави.
– И во иднина остануваме посветени на заштитата на вредностите на културниот натпревар, кој промовира меѓународна размена и разбирање, ја зближува публиката, ја слави различноста преку музика и ја обединува Европа на една сцена – посочуваат од ЕБУ.

M.T.