Рамацоти на почетокот на концертот ги поздрави присутните со неколку збора на македонски јазик. „Здраво, Скопје! Како сте? Ви благодарам што дојдовте вечерва и уживајте во забавата“, рече тој, по што беше бурно поздравен од публиката
Над 8.000 луѓе во арената „Борис Трајковски“ завчеравечер расположено го поздравија Ерос Рамацоти (55), познатиот италијански и светски кантавтор, кој во рамките на актуелната светска турнеја првпат одржа концерт во Скопје.
Романтичниот, но истовремено енергичен и темпераментен Италијанец, за кого годините се само бројка, а повеќе од три децении искуство на сцената придонесуваат постојано да бара нови предизвици и да биде сѐ подобар, заедно со својата екипа на скопјани им приреди ноќ за паметење.
По неколкуте отпеани песни, со кои го отвори концертот, меѓу кои: „Vita Ce Ne“, по која е и насловена турнејата, „Stella Gemella“, „Favola“, „No Bisogno Di Te“, познатата песна „Terra Promessa“, тој им се обрати на присутните со неколку збора на македонски јазик: „Здраво, Скопје! Како сте? Ви благодарам што дојдовте вечерва и уживајте во забавата“, рече тој по што беше бурно поздравен од публиката.
Десетината шлепери што пред неколку дена се паркираа пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ беа навестување дека ќе присуствуваме на вистински спектакл, и навистина беше така. Сцената, осветлувањето, разгласот, видеобимот – сѐ беше на нивото на концертите на најголемите светски ѕвезди. Музичарите на сцената и придружните вокали, како и преостанатиот дел од екипата беа одлични, а Ерос, како и на претходните неколку концерти од турнејата, даде сѐ од себе публиката да си замине задоволна и среќна. Постојано комуницираше со присутните, неколкупати се симна во партерот, бараше интеракција, а публиката одговараше и на секое негово кревање на раката, уживајќи што е дел од овој концерт, кој уште долго ќе се памети.
Рамацоти, пак, со својот карактеристичен глас, кој му одолева на времето, исто како и големиот број хитови што ги слушнавме од деветте негови снимени албуми, продадени во над 50 милиони примероци, цели два часа ни покажа што е за него добра музика, а истовремено докажа зошто сѐ уште е меѓу најдобрите, не само на италијанската туку и на светската музичка сцена.
Освен познатите рефрени, на големите екрани видовме и еколошки пораки за спас на планетата, што е за поздравување, но и поттик за кревање на екосвеста додека не е доцна.
И се редеа хитовите, а Рамацоти не само што пееше туку и свиреше на гитара и на пијано, трчаше од едниот до другиот крај на големата бина, пееше дуети со придружните вокали, испраќаше бакнежи и постојано извикуваше: „Фала, Скопје“. Пријатно беше изненаден кога целата публика заедно со него ги пееше познатите рефрени.
Врв на концертот беа изведбите на песните што ја одбележаа неговата кариера: „Un altra te“, „Piu ce puoi“, „Se Bastasse Una Bella Canzone“, „Fuoko Nel Fuoko“…, а на самиот крај на официјалниот дел на концертот ги слушнавме „Cose Della Vita“ и прекрасната „Musica e“. По неколкуминутниот аплауз, Ерос се врати со своите музичари на сцената, а со публиката се збогува со „Piu Bella Cosa“.
По два часа вистинска еуфорија, љубителите на добрата музика си заминаа задоволни, а повеќето од нив уште додека беа во салата на социјалните мрежи испратија порака „Грацие Ерос за незаборавниот концерт што ни го подари“. Се надеваме дека нема да чекаме цели десет години, како белграѓани, повторно да уживаме во настапот на италијанскиот шармер. Концертот го организира продукцијата „Авалон“.