Членовите на Здружението на џез-музичари и слободни уметници по пет години активна работа и безрезервно вложување во промоција на македонската џез-сцена, преку организирање џез-манифестации и основање биг-бенд оркестар, решија да го збогатат портфолиото со уште една дејност.
– Во рамките на Здружението на џез-музичари почнува со работа издавачката куќа „ЗЏМ рекордс“. Преку оваа дејност дополнително ќе се залагаме за афирмација на џез-музичарите од земјава и од регионот и заедно ќе работиме на подобрување на целокупната џез-култура кај нас, збогатувајќи ја нашата културна сцена со нови квалитетни изданија, отсега па натаму под наша етикета. И за да биде нашето задоволство уште поголемо, „ЗЏМ рекордс“ ја започнува својата работа со еден исклучителен проект. Ви го најавуваме нашето првенче „Dzijan Emin & Magical Orchestra – Live in Ohrid“, албум снимен во живо на концертот во Антички театар,во 2019 година – велат од „ЗЏМ рекордс“.
Магичниот оркестар што изведува авторски композиции на Џијан Емин, диригент, оркестратор, композитор и мултиинструменталист, е составен од членови на биг-бенд оркестарот на ЗЏМ и гудачи од Македонската филхармонија.
Џијан Емин веќе извесен период работи со овој состав, повторно правејќи храбра и не толку типична комбинација на музички состави, комбинирајќи ја строгоста на оркестарската изведба со отвореноста на џез-изразот; зачинето со суптилна електроника и, секако, обоено со уникатноста на неговата маркантна појава и личност.
Ова музичко издание ќе ја има својата промоција в среда, 21 април, на сите дигитални аудиостриминг-провајдери, по што ќе следува и промоција на печатеното издание.