Големо откритие
Студијата објавена во списанието „Сајенс адвансис“, спроведена на близнаци, покажа дека секојдневното консумирање два додатока во исхраната, кои можат лесно и релативно евтино да се добијат без рецепт, истовремено ја подобрува состојбата на цревната флора, но и когнитивните способности. Така, се покажа дека она што е добро против стареење на цревата може да биде добро и против стареењето на мозокот.
Дигестивниот систем е вклучен во многу функции на телото, вклучувајќи ги и имунолошкиот систем и централниот нервен систем. Затоа, научниците веруваат дека правилното хранење на бактериите со одредени пребиотици и интервенцијата со пробиотици и модулирањето на микробиомот може да ја отвори вратата за лекување цела низа болести. Наодите се особено интересни бидејќи студијата ги користела истите тестови за визуелна меморија и учење, кои вообичаено се користат за откривање на раните знаци на Алцхајмерова болест. Истражувањето го испитуваше ефектот на два пребиотика, кои помагаат во стимулирање на цревните микроби.
Еден од нив е инулинот, диетално влакно од класата на фруктани. Другиот е наречен фруктоолигосахарид (ФОС), растителен јаглехидрат што често се користи како природен нискокалоричен засладувач. Двата додатока може да се купат во различни производи во многу земји низ светот.
Истражување на 36 пара близнаци
Со цел да се испита ефектот на овие додатоци во исхраната врз стареењето на мозокот, научниците од Кралскиот колеџ во Лондон вклучиле во студијата 72 лица, односно 36 пара близнаци, постари од 60 години. Секој пар бил поделен по случаен избор на еден учесник што примал пребиотици во протеински прав и другиот што добивал плацебо, односно лажен додаток. Ниту лекарите ниту близнаците не знаеле кој што добива. Резултатите покажаа дека близнаците што несвесно земале инулин или ФОС, три месеци подоцна постигнале повисоки резултати на когнитивниот тест.
Она што особено е интересно за новата студија е тоа што покажа дека додатоците во исхраната се поврзани и со мала промена во микробиотата на близнаците што ги консумирале. На пример, корисни бифидобактерии биле позастапени кај близнаците што земале инулин или ФОС.
Зошто истражувањето било спроведено на близнаци? Ваквите истражувања имаат важна улога во медицината, особено кога се сака да се исклучат некои генетски или еколошки фактори врз резултатите од студиите. Кога се истражуваат ефектите на исхраната врз здравјето, близнаците се најдобри кандидати бидејќи се слични по многу фактори – имаат многу слична генетика, пораснале во слични услови со исти родители, имаат слични когнитивни способности и начин на живот. Благодарение на ова, полесно е да се препознае дали некој фактор во исхраната што се истражува е навистина одговорен за некои регистрирани исходи.
Кралскиот колеџ во Лондон има одличен потенцијал за такво истражување бидејќи го има најголемиот регистар на возрасни близнаци во Обединетото Кралство.
Студиите претходно ја покажаа важноста на микробиотата
Во воведот на трудот, авторите пишуваат дека студиите веќе покажале дека стимулирачките промени во цревната микробиота може да ја променат и физиологијата на мускулите и когнитивното однесување.
– Возбудени сме што ќе ги видиме овие промени за само 12 недели. Ова изгледа многу ветувачко за подобрување на здравјето на мозокот и меморијата кај нашата постара популација. Откривањето на тајните на оската црево – мозок може да понуди нови пристапи за подолг и поздрав живот – рече Мери Ни Лохлаин, истражувачка за геријатриска медицина од Кралскиот колеџ во Лондон.
Авторите во трудот истакнуваат дека се зголемува бројот на различни состојби поврзани со стареењето, а таква е деменцијата, која се зачестува на глобално ниво.
Некои претходни истражувања кај глодачи покажаа дека додатоците богати со влакна, како што се инулин и ФОС, можат да помогнат т.н. добри бактерии да напредуваат во микробиотата на дебелото црево. Некои од овие бактерии се поврзани со подобрување на когнитивната функција кај глувците и луѓето.
Врската помеѓу мозокот и цревата е потврдена, но многу работи сè уште се мистерија. Во последниве години има сѐ повеќе докази за блиската врска помеѓу цревата и мозокот, така што некои експерти денес ги нарекуваат цревата „втор мозок“. Сепак, начинот на кој функционираат двата нервни система засега сè уште е мистерија. Еден од интересните наоди на студијата е дека земањето на споменатите додатоци во исхраната немало никакво влијание врз мускулната маса и покрај тоа што инулинот и ФОС се важни фактори за одржување на мускулно-скелетниот систем.