Д-р Стивен Гандри, американски кардиохирург, предупредува за важноста
од изборот на вистинската храна
Здравјето на цревата не е само прашање на варење – тоа е основа за здрав имунолошки систем, подобра апсорпција на хранливи материи, намалено воспаление и заштита од хронични заболувања. Со правилен избор на храна, намалување на воспалението во телото и негување на микробиомот, можеме да создадеме основа за долгорочен здрав живот, со оптимална функција на сите системи во телото. Д-р Стивен Гандри (74) е специјалист кардиохирург, но благодарение на социјалните медиуми, тој стана познат низ целиот свет по својата истражувачка работа во областа на исхраната и здравјето.
Тој ја стекнал својата медицинска диплома од Универзитетот во Мичиген. Во текот на својата кариера работел како хирург во различни болници, вклучувајќи ги Клиниката во Кливленд и Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес. Иако ја започнал својата кариера во областа на класичната медицина и хирургија, со текот на годините сè повеќе се насочил кон истражување на нутритивните фактори што влијаат на здравјето, особено во однос на превенцијата од кардиоваскуларни заболувања и подобрувањето на општото здравје. Според истражувањето на д-р Гандри, лошата исхрана, базирана на преработена храна, шеќери и рафинирани јаглехидрати, може негативно да влијае на здравјето на цревата. Тој препорачува исхрана богата со растителни влакна, како и пробиотска храна како кисела зелка, кефир и комбуха.
Цревата се најважниот дел од нашиот дигестивен систем
Цревата се најважниот дел од нашиот дигестивен систем, одговорни за варење на храната, апсорпција на хранливи материи и елиминирање на отпадот. Сепак, тие имаат и многу поширока улога. Бидејќи содржат огромно количество микроорганизми (бактерии, габи, вируси, па дури и паразити), заедно наречени микробиом, нивната рамнотежа директно влијае на нашето физичко и ментално здравје, како и на нашата способност да се бориме против болести. Кога микробиомот е во рамнотежа, телото функционира оптимално. А кога составот на микробиомот е нарушен, може да се појават проблеми.
Еден од најважните придонеси за проучувањето на цревниот микробиом е теоријата на д-р Гандри за лектините, растителни протеини што се наоѓаат во многу видови храна – житарки, мешунки и некои зеленчуци, кои, според него, можат да предизвикаат оштетување на цревната слузница, што се меша во правилното функционирање на дигестивниот систем и доведува до воспаление. Лектините имаат способност да се врзуваат за шеќерите на површината на клетките и под одредени услови можат да предизвикаат оштетување на цревната слузница, што потоа доведува до проблеми – синдром на иритабилни црева, воспалителни заболувања на цревата или дури и системско воспаление. Лектините не се целосно сварливи, поради што нивната прекумерна консумација може да предизвика тешкотии при варењето. Луѓето што се чувствителни на лектини може да доживеат непријатности како што се надуеност, гасови, болки во стомакот и други симптоми. Иако многу лектини се инактивираат со готвење или потопување на храната во вода, тие сепак можат да се најдат во одредена храна што не е соодветно преработена. Гандри тврди дека нашите црева немаат доволно ресурси за да се справат со големи количества лектини во нашата исхрана. Тоа потоа резултира со оштетување на цревната бариера. Кога оваа бариера е оштетена, несварената храна и токсините можат да влезат во крвотокот, што предизвикува имунолошки реакции и може да доведе до синдром на протекување на цревата. Овој синдром се смета за основна причина за многу хронични и автоимуни заболувања.
Еден од најпознатите аспекти на теоријата на Гандри е неговата популарна диета, објавена во книгата „Парадоксот на растенијата“ од 2017 година, каде што тој детално објаснува како лектините влијаат на човечкото тело и како можеме да ги елиминираме од нашата исхрана.
Важноста на рамнотежата помеѓу омега-киселините
Промовирајќи ја својата исхрана, Гандри ја нагласува важноста на јадењето храна што го подобрува здравјето на цревата, што, според него, е пред сè зелен зеленчук, потоа мрсна риба, јаткасти плодови, авокадо и маслиново масло.
Листестите зеленчуци како спанаќ, кељ, зелка и брокула не само што се богати со растителни влакна туку помагаат и во заштитата на телото од оксидативен стрес. Тие се одличен извор на антиоксиданти што ги неутрализираат слободните радикали, кои предизвикуваат оштетување на клетките и го забрзуваат стареењето. Дополнително, омега-3 масните киселини, кои се наоѓаат во лососот, сардините и скушата, играат клучна улога во намалувањето на воспалението во телото. Здравите масти од рибата ги обновуваат клеточните мембрани и помагаат во функцијата на мозокот и срцето.
Д-р Гандри често ја нагласува важноста на рамнотежата помеѓу омега-3 и омега-6 масните киселини, бидејќи премногу омега-6 (кои се наоѓаат во растителните масла) може да доведе до воспаление и да го зголеми ризикот од хронични заболувања. Една од клучните препораки во неговата исхрана е повременото постење, метод што вклучува периодични паузи во внесувањето храна, што му овозможува на телото да се фокусира на регенерација и закрепнување, вклучувајќи и закрепнување на цревата. Повремениот пост помага во намалување на воспалението и враќање на рамнотежата на микробиомот, што резултира со подобро варење и поздраво тело.
Покрај елиминирањето на лектините, американскиот доктор ја нагласува и важноста од одржувањето на рамнотежата во микробиомот, што игра клучна улога во превенцијата од многу болести. Затоа тој се спротивставува на прекумерното внесување антибиотици, кои можат да ги уништат корисните бактерии во цревата, и препорачува употреба на пробиотици, кои помагаат во обновувањето на „добрите“ микроорганизми во цревата.
Контроверзии и критики
Иако д-р Гандри стекнал голем број следбеници, неговата работа не поминала без критики. Многу нутриционисти и истражувачи ги сметаат за контроверзни неговите тврдења за лектините и нивното влијание врз здравјето. Критичарите тврдат дека многу од храната што д-р Гандри ја етикетира како штетна, како што се мешунките и интегралните житарки, всушност е важен извор на влакна, протеини и микронутриенти во исхраната. Понатаму, тие наведуваат дека влијанието на елиминирањето на овие намирници од исхраната врз долгорочното здравје не е доволно истражено, бидејќи нема доволно обемни научни истражувања за да се потврдат сите негови теории за врската помеѓу лектините и пропустливите црева. Препорачливо е, велат тие, да се пристапи кон неговите методи со доза на критичко размислување.