Фото: Пиксабеј

Професии со стоење на нозе и последиците

Долгото стоење на работа може да доведе до болки во грбот и во мускулите, замор и отекување на нозете, проблеми со колената и со вените. Многу работни места бараат долги часови стоење, а младите вработени на почетокот на својот работен век го поднесуваат овој тип на работа без премногу поплаки. Но, долгиот работен век поминат на нозе со текот на времето доведува до болки во грбот и во мускулите, замор и отекување на нозете, проблеми со колената и може да го зголеми ризикот од болести на срцето и крвните садови и да предизвика компликации за време на бременоста, предупреди неодамна американскиот Национален институт за безбедност и здравје при работа, кој го спроведе истражувањето. Меѓу најзагрозените професии се продавачи, келнери, фризери, но и хирурзи и медицински сестри. Долготрајното стоење може да доведе и до хронична венска инсуфициенција, болест во која оштетените вени влијаат на циркулацијата на крвта.
Лекарите објаснија дека движењето е најдобриот начин да се намалат таквите здравствени ризици. Некои признаваат дека носат атлетски прерамки, држачи за колена… На сите им се препорачува да испробаат различни техники за намалување на заморот, како што се наизменично менување на едната нога на потпирачот за нозе, носење чевли со ортопедски ѓон, односно со потпора за целото стапало, и секако паузи за седење и одмор.
Во Америка локалните, државните и федералните регулативи веќе долго време се во сила за овие професии во врска со паузите и местата за одмор или кој било заеднички простор. Вработените со договор имаат дури и право да седнат под одредени услови во текот на работниот ден. Ајлин Борис, позната теоретичарка на трудот, феминистка и професорка на универзитетот „Санта Барбара“ во Калифорнија, потсетува дека на почетокот на 20 век повеќето американски држави имаа закони со кои се предвидуваше правото на жените да седат додека работат, бидејќи постоеше страв дека ако работат премногу физички тешки работи, нема да можат да забременат. Целта беше да се заштити мајчинството. Речиси секоја земја имаше закони, но тие не беа спроведени, а со текот на времето беа укинати бидејќи се однесуваа само на жените. Една од причините беше тоа што женското движење се залагаше за еднакви права.
Меѓународната организација на трудот, агенција на ОН, пред 60 години ги усвои стандардите на работното место што бараат од работодавците да обезбедат доволно соодветни места за седење, како и разумни можности за работниците да ги користат. Повеќе од 50 земји го ратификуваа договорот, но САД не беа една од нив. Капиталот и профитот се тие што ја диктираат реалноста, со само неколку исклучоци. На пример, во градот Ен Арбор, Мичиген, од сопствениците на продавници, пералници, хотели, ресторани и фризерски салони се бара да им дозволат на работниците да седат сè додека седењето не им пречи на нивните должности.