Интернационален етнолошки филмски фестивал во Битола

Од 19 до 26 јули, во Битола се одржува третото издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“. Проекциите се одвиваат во Центарот за култура во Битола. Во рамките на фестивалот во Битола за денеска е најавена богата програма.
Во продукција на „Загреб филм“, во режија на Зоран Тадиќ, ќе биде прикажан „Плетенки“ (1974 г.). Филмот е добитник на „сребрен медал“ на Фестивалот на југословенски документарни и кратки филмови – Белград. Во осамената и груба дивина на далматинската Загора, жените се оптоварени со напорна работа. Но во овој суров живот, со бескрајно трпение и вештина, тие нежно ја плетaт косата во плетенки.
Потоа ќе биде прикажан „Беше еднаш“, документарен филм на Володимир Бакум од Украина. Филмот раскажува за автентичен украински фолклор. Главниот лик е 32-годишниот Олексиј Зајец. Пред 10 години, уште како студент, тој ја започна својата работа како раководител на културниот центар во селото Лиудинивка, во регионот на Киев. Тој сонува да го развие и да го промовира украинскиот фолклор. И покрај пустошите во селото, Олексиј, професионален етнограф, основа два ансамбла за песни: „Барвинок“ и „Снивница“. Ансамблите се состојат главно од постари жени: најстарата има 90 години, најмладата над 60 години, бидејќи луѓето од оваа возраст се главните носители и чувари на старите песни. Со свои раце, Олексиј шие национална облека за членовите на ансамблите. Олексиј ги носи ансамблите на фолклорни фестивали во Литванија и во Белорусија. Тие ја обиколија цела Украина. Но локалните власти, кои секогаш ги поддржуваа младинските ансамбли, не го гледаат потенцијалот на постарите изведувачи.
На програмата е и „Пикбокто“, документарен филм на Анастасија Шубина и Тимофеј Глинин од Русија. На брегот на Арктички Океан во Чукотка живее народ отсечен од светот. Нивниот живот се врти околу лов на моржови и китови и заштита на селата од мечки, кои доаѓаат од тундрата. Оваа тема го претвора филмот во рефлексија за смртта. Морските животни стануваат примарен извор на храна за луѓето, остатоците од животните се користат за исхрана на арктичките лисици на фармата за крзно, човечките гробишта стануваат цел за мечките. Се чини дека сите жители на овој регион се вклучени во циклусот на храна и смрт. Филмот отстапува од типичната ритмичка структура на кинематографијата и наместо тоа, ја усвојува структурата на шамански ритуал, кој е настан што создава смисла за северните народи.
Во Битола на репертоарот на фестивалот е „Земја“, документарен филм на Рудолф Сремец („Загреб филм“ – Хрватска), во режија на Рудолф Сремец, а се работи за борбата и макотрпната работа за една грутка земја. По него ќе го видиме „Душата на јасминот“, документарен филм на Марина Гарсија Андреу (Кина). Среде новоизградените канцелариски кули во Фужоу во Кина се наоѓа парцела мочуриште каде што во изобилство растат деликатни цветови од јасмин. Овде, земјоделците храбро се соочуваат со жешкото време за да соберат јасмин од зелените и мирисливи полиња. Се зборува за минливото расцутување на цвеќето, бидејќи совршеното цветање се случува само еднаш годишно. Овој филм нуди визуелно патување на цветот јасмин од поле, до одгледување и на крајот, до порцеланската шолја на мајсторот за чај.
Последен за денеска е „Златна земја“, документарен филм на Инка Ахте од Финска. Кога финскиот Сомалиец Мустафе открива дека земјата на неговите предци на рогот на Африка е полна со бакар и злато, тој одлучува да го замени безбедниот, но досаден живот на своето семејство во Финска – земјата прогласена за најсреќна и најрамноправна во светот – за Сомалиленд, самопрогласена држава во Источна Африка. Додека Мустафе се бори да ги подигне богатствата од под земја, неговите деца тргнуваат на патување за да откријат каде навистина припаѓаат.