Археолошко откритие во Германија
Археолозите во Германија открија некои од најраните докази за употреба на облека. На шепата на пештерската мечка е пронајдена исеченица што сугерира дека животното било одрано пред 300.000 години за да се направи парче облека.
Археолошките остатоци се пронајдени во Шенинген, на северот на Германија. Откритието е опишано како возбудливо, бидејќи многу малку се знае за тоа како се облекувале луѓето пред 300.000 години и како ги преживувале суровите зими.
Крзното, кожата и другите органски материјали обично не траат повеќе од 100.000 години, што значи дека директните докази за праисториска облека се ретки.
– Истражувањето е значајно затоа што знаеме релативно малку за тоа како се заштитувале луѓето од надворешни влијанија во далечното минато. Има само неколку локации од овој ран временски период каде што се пронајдени докази за дерење мечка. Шенинген дава најцелосна слика за тоа – изјави авторот на истражувањето Иво Верхејен, докторанд на Универзитетот во Тибинген.
Пештерските мечки биле големи животни, со големина на поларна мечка, а изумреле пред 25.000 години. Според резултатите од истражувањето објавени во научното списание „Џрнал оф хјуман еволушн“, оваа мечка имала долги и густи влакна, кои биле погодни за правење облека и други потреби.
Шенинген одамна е познат по откривањето на најстарото познато дрвено оружје – копје, кое се користело за убивање плен пред 300.000 години. Како што објави „Си-ен-ен“, за научниците е предизвик да утврдат кога точно почнала да се користи облеката.