„АЛХЕМИЈА НА ДИВИНАТА“ – ПЕРФОРМАНС НА ВЕВЧАНСКИТЕ ИЗВОРИ

„Алхемија на дивината“ е мултимедијален, локациски специфичен перформанс што денеска и утре ќе се изведува на различни локации на Вевчанските Извори во Вевчани. Првата изведба е закажана за вечерва, во 19 часот, а втората за утре во 12 часот.
– Впуштете се во волшебниот свет на „Алхемија на дивината“, мултимедијален и локациски специфичен перформанс, кој ќе ги трансформира патеките на живописното Вевчани и Вевчанските Извори. Ова уникатно искуство е дело на заеднички процес што ги спојува талентите на уметници изведувачи од различни уметнички области. Оваа изведба е дел од проектот „Сиот свет е сцена – имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање општествени прашања и предизвици“ на здружението на уметници – културен центар „Медиа артес“ од Охрид – најавуваат организаторите.
Во рамките на овој проект, во март и мај во културниот центар „Јадро“ беа реализирани две серии работилници со наслов „Ритуалот во современото општество“. Овие работилници наменети за професионални уметници од различни дисциплини (актери, танчари, вокални изведувачи и музичари, ликовни уметници) вклучуваа длабок истражувачи процес за т.н. обични, секојдневни ритуали и рутини, кои добиваат нова форма и значење и ритуални простори, односно истражување како просторот и сетилните искуства влијаат на ритуалот.
Како продолжение и заокружување на овој процес, последната серија работилници од овој циклус и изведбата на перформансот „Алхемија на дивината“ ќе се оствари во живописното Вевчани.
– Додека го истражувате Вевчани, околу вас се создаваат магични приказни од алтернативни реалности. Нурнете во овие наративи на еден час, за време на настапот во живо, или препуштете се на една подолга авантура, која ветува трансформативно патување. „Алхемија на дивината“ ве предизвикува да размислувате за природата на времето, конечноста и постоењето, поттикнувајќи интроспекција за тоа како сме живееле и како живееме, како се менуваме и како комуницираме. Ова искуство ќе ве поведе на лично патување за откривање на она што е навистина важно во вашиот живот. Кои акции е потребно да ги откриеме или реоткриеме, притоа избирајќи ги според приоритетот на важноста.
Изведбата ја доловува суштината на животните трансформации, набљудувајќи го ритуалот на промена од најмалата клетка до најдалечните ѕвезди. Преку волшебните приказни, хипнотизирачкиот танц, евокативната музика и шепотењата на распеаните дрвја, ќе бидете обвиени во сетилно искуство како никогаш досега – вели Јасмина Билаловиќ, претседателка на „Медиа артес“.
Уметници ментори се: Алесандро Ола, Јелена Вуксанович, Атила Антал, Вишња Жугич и Јасмина Билаловиќ. Изведувачки уметници се: Риџет Ферати, Надја Лукановска, Симона Димковска, Ива Дамјановски, Тереза Лазарев, Теодора Ежовска, Виктор Танасковски, Кристијан Караџовски и Маја Стајнберг.