Фото: Пиксабеј

Навикнати сме да ја доживуваме природата преку сигурни рамки – пролетта носи цветови, летото бујно зеленило, есента златни плодови, а зимата мир и сон. Така замислените четири годишни времиња дејствуваат како правило. Но што ако тој ритам не е универзален, ниту пак секогаш усогласен?

Глобална мапа на сезонските циклуси

Новото истражување, објавено во престижното списание „Нејчр“, покажува дека годишните времиња на Земјата се многу посложени од она што досега сме верувале. Со помош на сателити, научниците направиле најдетална мапа на сезонските циклуси на раст на растенијата и откриле жаришни точки – места кога природата игра по различен ритам. Резултатите даваат сосема нова слика за светот: соседните долини, планини или брегови можат да имаат толку различни сезонски обрасци, што изгледа како да се наоѓаат на различни континенти. А последиците од ова откритие не се однесуваат само на природата туку и на земјоделството, економијата, па дури и на самата појава на нови видови.
Годишните времиња го определуваат ритамот на животот. Живите суштества, вклучувајќи ги и луѓето, ги приспособуваат своите активности во текот на годината за да ги искористат ресурсите и условите што се менуваат. Проучувањето на ова временско усогласување се нарекува фенологија и претставува древна форма на набљудување на природата. Денес, сепак, фенологијата можеме да ја набљудуваме и од вселената. Благодарение на децениски архиви на слики и компјутери, можеме подобро да ја разбереме сезонската динамика на растење на растенијата. Сепак, досегашните методи често се базираат на претпоставките за едноставни сезонски циклуси и јасни периоди на раст. Тоа се покажало како точно во Европа, Северна Америка и во други области на високи географски ширини со изразени зими. Во тропските и суви региони, сепак, овие методи не се доволно прецизни, бидејќи мерењата покажуваат суптилни промени во текот на годината, без јасно изразени сезони на раст. Снимките од вселената им овозможија на истражувачите да направат глобална мапа на сезонските циклуси на растење.

Во тропските и суви региони, обрасците се многу сложени

Во многу делови од светот, особено во Европа и Северна Америка, каде што зимите јасно го разделуваат периодот на вегетација, циклусите се очекувани и правилни. Во тропските и суви региони, обрасците се многу сложени, без јасен почеток и крај на сезоната на растење. Еден од најинтересните наоди се појавува во пет познати медитерански климатски зони – Калифорнија, Чиле, Јужна Африка, јужна Австралија и самиот Медитеран. Во сите овие области се забележува двоен врв на годишниот циклус: шумите својот максимум на растеж го достигнуваат два месеца подоцна во однос на околните екосистеми. На границите на тие области, разликите стануваат уште поизразени.
Додека, на пример, сувите области зависат од летните врнежи, медитеранските шуми се потпираат на влажните периоди. Така настанува контрастен мозаик на природните ритми на многу малите пространства. Интересен е и примерот од Аризона. Феникс и Таксан, два града на дистанца на само 160 километри, имаат сосема различни сезонски обрасци. Феникс добива приближно исто количество врнежи во текот на зимата и летото, додека Таксан зависи исклучиво од летниот дожд. Истражувачите ги нарекоа овие контрасти жаришта на сезонска неусогласеност. Покрај медитеранските климатски зони и нивните соседни суви области, многу жаришта се појавуваат и во тропските планини. Планинскиот релјеф го менува движењето на ветровите, облаците и на дождовите, создавајќи микроклими со сопствен, понекогаш сосема различен сезонски распоред. Овие феномени сè уште не се доволно истражени, но научниците веруваат дека се клучни за разбирањето на исклучителното богатство на видовите токму во планинските тропски региони. Ова откритие има и пошироки последици.

Појава на нови видови

Во областите каде што сезонските обрасци се различни на мали растојанија и ресурсите се појавуваат во различно време. Тоа значи дека и репродуктивните циклуси на растенијата и животните не се поклопуваат, што ја намалува веројатноста за вкрстување. Долгорочно, тоа може да доведе до генетско разделување на популацијата – дури и до појава на целосно нови видови. Ако тоа се случува и кај мал процент видови во секој момент, тогаш токму овие региони низ времето стануваат колепки на огромен биолошки диверзитет. Истражувањето веќе покажало дека сателитската карта успешно ги предвидува разликите во цветањето на растенијата и генетската поврзаност помеѓу блиските популации. Но тука не завршува примената. Во Колумбија, на пример, која е еден од најголемите светски производители на кафе, планинскиот релјеф создава толку различни циклуси на созревање, што фармите оддалечени на само еден ден патување можат да имаат жетва како да се наоѓаат на различни страни на планетата. Новото истражување отвора цела низа прашања: како климатските промени влијаат на овие сезонски ритми, како видовите се селат или се приспособуваат на несогласувањата, како и колку ќе ја променат географијата на земјоделството и човечките активности. Засега знаеме едно – дека годишните времиња на Земјата немаат универзален календар.