Нова анализа на древната ДНК што ја направија научниците од Институтот за еволутивна антропологија „Макс Планк“ покажува дека жртвите на древните ритуали на Маите имаат нешто заедничко – сите тие биле момчиња. Имено, студијата на посмртните останки на 64 деца пронајдени во подземна комора позната како „чултун“ открила дека сите тие биле млади момчиња, од кои многумина биле во блиско сродство. Меѓу нив имало два пара идентични близнаци.
Ова откритие е во спротивност со вообичаеното верување дека древните Маи најмногу жртвувале млади девојки.
– Сличната возраст и исхраната на момчињата, нивната блиска генетска врска и фактот дека тие биле погребани на исто место повеќе од 200 години, укажуваат на тоа дека по жртвата биле спуштени во чултунот – вели археологот Оана Дел Кастиљо-Чавез од институтот „Центро ИНАХ Јукатан“.
Морничава комора
За трагичната судбина на децата знаеме од 1967 година, кога при ископувањата беше пронајдена оваа морничава комора. Чултонот, најверојатно, првично функционирал како цистерна за вода, но подоцна бил проширен и поврзан со блиската пештера. Во комората беа пронајдени посмртните останки на повеќе од сто деца, но беше тешко да се одреди нивниот пол само врз основа на обликот на коските. Затоа, митот за жртвувањето на млади девојки се одржуваше долго време.
Со оглед на тоа што неодамна се појавија докази што укажуваат дека барем некои од жртвите се машки, имуногенетичарот Родриго Баркера и неговите колеги одлучија одблизу да ги разгледаат остатоците од коските од урнатините на Чичен Ица, пишува „Сајенс алерт“.
Прво, тие утврдиле дека погребувале човечки останки во чултонот повеќе од 500 години, од 7 до 12 век; при што повеќето биле закопани помеѓу 800 и 1.000 година, кога културата на Чичен Ица била на својот врв.
Научниците ги анализирале коските на 64 жртви
Научниците потоа ги анализирале коските на 64 жртви, биле извршени генетска анализа и анализа на односот на изотопите од коскениот колаген. Изотопската анализа покажала што јаделе децата. Експертите откриле дека сите деца жртви јаделе локално достапна храна, што значи дека припаѓале на околните заедници.
Анализата, исто така, покажа дека сите тестирани коски им припаѓаат на машки деца, при што најмалку една четвртина од нив биле тесно поврзани и имале слична исхрана – што сугерира дека живееле во исто домаќинство.
– Најмногу бевме изненадени кога откривме два пара идентични близнаци – вели генетичарот Катрин Негеле од институтот „Макс Планк“.
Научниците веруваат дека Маите веројатно избирале парови момчиња за жртвување, поради што близнаците биле особено погодни за нив.
– Извештаите од почетокот на 20 век ги популаризираа лажните приказни за жртвувањето на младите жени и девојки. Оваа студија ја превртува таа приказна наопаку и открива длабоки врски помеѓу ритуалното жртвување и циклусот на смртта и повторното раѓање опишани во светите текстови на Маите – вели антропологот Кристина Воринер од Универзитетот „Харвард“.
Имено, светиот текст на Маите зборува за херои близнаци што се одмаздуваат за жртвата на нивниот татко и вујко, кои и самите биле близнаци. Хунахпу и Ксбаланке, според древен текст, се подложиле на циклуси на ритуални жртви и воскреснување со цел да ги измамат боговите на подземниот свет.
Истражувањето насловено „Антички геноми“ открива сознанија за ритуалниот живот во Чичен Ица.