В недела почнува 14 „Прилеп џез викенд“
Со концертот на групата Некст ту сајланс (Next To Silence) што ќе се одржи во археолошкиот локалитет Врбјанска Чука ќе започне четиринаесеттото издание на „Прилеп џез викенд“.
Новост е што годинава, фестивалот ќе трае седум дена, па така во првите четири дена љубителите на џезот ќе уживаат во програма која ќе се случува во Врбјанска Чука и во клубот Калинка, додека концертите од официјалниот дел на програмата, публиката ќе може да ги проследи на летната сцена од НУЦК Марко Цепенков.
– Прилепскиот џез фестивал и овој пат ќе понуди одлична програма со повеќе концерти, и перформанси, со што ветува доживување на ново и незаборавно искуство на сите љубители на добрата музика – велат од Здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, организатори на настанот.
По отворањето на 24, август на Врбјанска Чука, до 27 август ќе може да се проследat Ди -џеј сетот на ШУРБЕ, концертот на прилепскиот бенд ДИАТТИК (DIATTIC) и Ди-џеј сетот на Згроветин (ZGROWETIN). Трите настани ќе се одржат во клубот Калинка.
Официјалниот дел од програмата ќе го отвори ќе го отвори тенор саксофонистот Блаж Шваган со неговиот бенд Блаж Шваган квартет (Blaž Švagan Quartet- кои ќе се претстават со нивниот најнов материјал насловен Абсолут кандор (Absolute Candor) снимен во Њу Јорк кон крајот на 2024г. Стилски, музиката може да се опише како модерен џез, кој се инспирира од дет металот и научната фантастика. Има неколку моменти со висока енергија, но во исто време оваа музика дозволува многу простор, со добра количина на смиреност.
Во продолжение на вечерта публиката ќе може да ужива во еден несекојдневен перформанс, џем – сешн, со кој ќе се оддаде почит на младиот клавијатурист и композитор Филип Стеваноски, кој минатата година настапи на нашиот фестивал со својот бенд и остави незаборавен впечаток. На истиот ќе настапат врвни музичари, пријатели и поранешни членови од неговиот состав — обединети преку музиката што Филип ја живееше и ја носеше во себе: Панко Гелев, Јован Цветковиќ, Боро Шопов, Филип Крстевски, Ѓоле Максимовски, Дино Милосављевиќ, Гоце Стевковски, Кирил Кузманов, Трајче Велков, Ѓоле Грујовски, Маја Капсарова, Владан Дробицки, Владимир Четкар итн…
Втората вечер ќе започне со настапот на бендот од Скопје, „Тхе локал блу“ (The Local Blue) од кој пубиката ќе има можност да слушне инструментален краут рок со забележливи психоделично-динамични акценти, уникатна спојка на една звучна палета од психоделичен, стоунер, спејс и пост рок..
На крајот од денот Прилеп џез викенд ќе биде домаќин на ТОКУ (TOKU), претставник од њујоршката џез сцена, кој на фестивалот во Прилеп ќе настапи со Самураи џез квартет (SAMURAI JAZZ QUARTET) во придружба на врвни македонски артисти кои осставиле голем белег во џез и ворд музиката, на меѓународната сцена, Оливер Јосифовски, Симеон Петров и Александар Петров.
TOKU (познат како Џез Самурај) е џез вокалист и свирач од Јапонија, кој зад себе има 14 издадени албуми за Сони мјузик (Sony Music- , а од 2021 година тргнува на патување за да се поврзе со светот преку својата музика…
Амбиентално – синематски стил на музика преку реализација на проектот „Ноќен пејсаж“ на публиката во Прилеп ќе и презентираат Глигор Кондовски и Владан Дробицки.
Фестивалот ќе го затвори легендарната група „Обојени програм“ која повеќе од четири децении е присутна на сцената, а повеќе од триесет години не настапила во Македонија.
– Прилеп џез викенд веќе четиринаесет години е домаќин на најдобрите имиња од македонската, балканската и на дел од европската џез сцена и е позициониран на картата на значајни музички манифестации, не само во Република Македонија, туку и еден од позначајните во регионот воопшто. Во изминатите години сите што настапија на неговата сцена, оставија белег во креирањето на фестивалската историја и извршија силно влијание врз прилепската публиката – велат организаторите.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија, Општина Прилеп и неколку општествено одговорни компании. Ф.Д.