Македонската кантавторка Дина Јашари го претстави својот прв студиски албум со наслов „Растенија без корен“. Албумот е составен од девет песни, снимени во различен период од изминативе три години, на различни локации со различни луѓе.
– Не можам да го сместам во никаква жанровска кутија, тој е шарен, жив и искрен. Кога за првпат ги напишав насловите на песните и ги наредив – одеднаш сè ми имаше смисла! – открива Дина.
На албумот соработуваат нејзините долгогодишни музички соработници: Лука Тошев (гитара), Драган Теодосиев (тапани), Андреа Мирческа (бас) и Драги Иванов (микс).
Дина е авторка на музиката и текстовите, а аранжманите и продукцискиот пристап ги градела внимателно, комбинирајќи акустични изведби со електронски елементи.
– Секоја песна има своја приказна, овој пат направив простор да влезат повеќе луѓе во процесот на креирање, што за мене беше нешто ново, а на крајот се покажа дека го имам совршениот тим од луѓе што ги правеа снимачките сесии магични – вели таа.
Дел од песните – „Растенија без корен“, „Морето ме тера да мислам“ и „Работи што немаат смисла“ – се снимени во студиото „Алшар“ со Ивица Јанкуловски. Особено внимание привлекува дуетот „Кревка“, во кој Дина соработува со познатиот кантавтор Пијан Славеј („Фолтин“), композиторот Дуке Бојаџиев и гитаристот Лука Тошев. Визуелниот идентитет на албумот го потпишуваат фотографката Александра Костадиновска и стилистката Сара Стојчевска.
Албумот е придружен со девет визуализации и текстови, достапни на Јутјуб, а музиката може да се слуша на Спотифај и на сите други дигитални платформи.