Скенирањето со телефонот е практичен начин за претворање на кој било документ, уплатница, фактура, фотографија од стар албум, страница од книга или слично во пдф-датотека. Со помош на наменски апликации, можете да го скенирате практично секој документ со вашиот паметен телефон и неговата камера, од сметки до рецепти, страници од книги или драги фотографии од стари фотоалбуми и сето тоа да го претворите во пдф-датотеки што ќе ги зачувате на вашиот телефон, компјутер или на некоја друга услуга.
Вреди да се напомене дека скенирањето на мобилниот телефон може да се направи дури и без некоја посебна апликација, во зависност од тоа кој мобилен уред го користите. На пример, ако користите ајфон, во апликацијата Ноутс, која е фабрички инсталирана, имате можност да скенирате документ без потреба да инсталирате други апликации. Слична опција е достапна и на телефоните „самсунг“ што користат оперативен систем андроид, односно корисничкиот интерфејс Уан УИ 2.0 или понова верзија. Овде треба да ја активирате камерата и да ја насочите кон документот што сакате да го скенирате со мобилниот телефон и да почекате неколку моменти вештачката интелигенција да препознае дека е документ и да ви понуди опција за скенирање. Кога ќе се појави жолта рамка околу документот, ќе видите и копче „скенирај“, кое треба да го допрете за телефонот да го скенира документот. Секако, скенираниот документ ќе ви биде достапен во галеријата.
Во случај да не користите телефон на „Епл“ или на „Самсунг“ или ако сакате повеќе опции, можете да користите специјални апликации за скенирање на мобилни телефони, кои нудат повеќе опции и поголема контрола врз процесот на скенирање.