Почна 43. „Скопски џез-фестивал“
Со специјалниот настап на денешната најдобра и најпопуларна американска џез-пејачка Сесил Меклорин Салвант почна 43. издание на „Скопскиот џез-фестивал (17-20 октомври). Овенчана со три статуетки „греми“ и со шест номинации, како и со голем број други значајни награди за најдобар џез-вокал, таа се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина. Нејзините концерти се неповторливи искуства, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни.
Вечерта во МКЦ настапи и домашниот џез-состав „Некст ту сајленс“, претставувајќи го своето најново, второ по ред, албумско издание „Ruh“ („СЏФ рекордс“), кое беше промовирано на 12 октомври. Со својата музика, тие посегнуваат по мноштво природни феномени, древни вештини, загадочни адети, отелотворени претстави или завиени досетки, кои добиваат сосема ново постоење и смисла во нивните композиции. „Некст ту сајленс“ истото тоа го претстави и на настапот на „Скопскиот џез-фестивал“, каде што новиот материјал доживеа и концертна премиера.
– Внимателно селектираната програма го следи императивот за одржување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика. Девет светски етаблирани состави од САД, Европа и од Македонија ќе ја претстават својата музика во Националната опера и балет и во МКЦ. Програмата, распоредена во четири вечери, е исклучително силна, инспиративна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес – најавија организаторите.
Втората фестивалска вечер, како што најавуваат организаторите, ја одбележуваат две различни, но исклучително интересни концертни формации. Најпрвин на програмата имаме вистински олстар-бенд. Во својот квартет „Бриџ“, португалскиот саксофонист Родриго Амадо, еден од најзначајните европски импровизатори денес, обединува три од неговите најсилни музички влијанија, сите лидери во својот домен: маестралниот германски пијанист Александар фон Шлипенбах, норвешкиот волшебник на контрабасот Ингебрит Хакер Флатен, како и легендарниот американски тапанар Џери Хемингвеј.
„Ди енд“ е експериментална музичка група предводена од легендарниот саксофонист Матс Густафсон и колегата виртуоз на саксофонот Кјетил Мостер, карактеристична по моќните вокали на Софија Јернберг, како и по уникатниот спој на жесток грајндкор, фри џез и ноиз, збогатен со елементи од мавританската, етиопската, индиската и скандинавската народна традиција. Звукот на групата претставува интензивно, поетско и брутално патување низ нескротливата енергија, мелодичната убавина и соничните експерименти. Концертите на „Ди енд“ се познати по способноста да создаваат нови асоцијации во умот на слушателот, сплотувајќи ги жестоките рок-рифови, природната убавина на фолкот и дивите фантазии на џезот во едно кохерентно, но непредвидливо музичко искуство.
Саботната понуда на фестивалот е резервирана за три големи имиња на светскиот џез и креативната музика воопшто. Њујоршкиот пијанист и композитор Давид Вирејес органски ги соединува своите кубански фолклорни корени и њујоршкиот импровизаторски свет. Иако своето творештво го смета за „сто проценти традиционално“, во практика, наместо проста мешавина од елементи или рециклирање, тој создава синкретична нова лична музика. Прогласен е за број 1 ѕвезда во подем во категоријата пијано од страна на списанието „Даун бит“, како и за артист на годината во списанието „Музика џез“, а добитник е и на голем број меѓународни награди. Зад себе има блескава солистичка кариера и многу соработки со големи џез-имиња, како Хенри Тредгил, Вадада Лео Смит, Бил Фризел, Стив Колмен и многу други.
Последната вечер на фестивалот ќе ја отвори Никол Мичел, многупати наградувана креативна флејтистка, концептуалистка, композиторка, лидерка на бенд и едукаторка. Повеќе од дваесет години таа ја користи својата уметност за создавање светови што „градат мост меѓу познатото и непознатото“. Мичел е веројатно најпозната како креативна флејтистка што успеа да развие уникатен импровизаторски јазик, кој во повеќе наврати ѝ ја донесе титулата флејтистка на годината.
Марк Сандерс е перкусионист препознатлив по активното музицирање во сферата на фри џезот и слободната импровизација, кој ги користи своите искуства и сестраност во различни жанрови. Во дуо со Никол Мичел, тие создаваат извонредно оригинален и минималистички звук, исполнет со ведри мелодии и грувови, своевидна реминисценција на музиката на Уметничкиот ансамбл на Чикаго.
Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и традиционалната награда за најдобар џез-музичар во 2024 година, а ќе биде организирана и џез-работилница за деца. „Скопскиот џез-фестивал“ и годинава продолжува да го негува проектот „Џез за солидарност со бегалците“, упатувајќи уште еден гласен повик за емпатија и поддршка на неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените. В.Д.