Името Лутер Вандрос (почина во 2005 г.) претставуваше синоним на нешто највисоко, најценето, најпрекрасно, најчисто. Тој пееше со неверојатно богат глас и создаваше и текст и музика, афроамериканска соул-музика. Добитник е на осум награди „греми“, најпродавани плочи, концерти, почитуван и сакан секаде каде што ќе се појавеше.
Кога имал седум години, татко му починал, а за него се грижат мајка му, браќата и сестрите, но отсуството на татко му не може никој да му го надомести. Во 2004 година, Лутер е веќе 53-годишен сопруг, татко, маж и иако се поминати 46 години од смртта на татко му, тој не може да го прежали. За да му оддаде почит го пишува текстот на песната „Dancing with my father“ и заедно со Ричард Маркс ја создава и музиката за оваа безвременска песна преполна со емоции и слики. А во неа ги опишува најсреќните моменти кога како седумгодишно момче заедно со татко му, мајка му, сестрите и браќата играл во дворот на нивната куќа, се смеел, танцувал… Но исто така го опишува и моментот кога таткото починува и кога сите ја чувствуваат таа неверојатна празнина, тишина, кога сѐ запира. „Кога би можел да добијам уште една шанса, уште една прошетка, уште едно танцување со него, би ја пуштил песната што никогаш не завршува, колку би сакал, сакал, сакал… да танцувам со мојот татко повторно“.
Третата недела во јуни е светскиот Ден на таткото. Оваа година тоа е 18 јуни. Ние татковците не го ставаме на пиедестал овој ден, за нас е доволно што сме татковци. Она што треба да го направиме е да им се јавиме на нашите татковци, да ги посетиме, да им оддадеме почит, да им го направиме моментот прекрасен, незаборавен, а да не заборавиме дека за некого тоа се можеби и последните моменти. А и на оние чии татковци се одамна на некое поубаво место или што не ја почувствувале татковата љубов, им го честитам Денот на татковците!
Aвтор: Љупчо Давчев