ГО ОДБЕЛЕЖУВАМЕ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ЗООЛОШКИТЕ ГРАДИНИ
Секоја година на 8 април, Националниот ден на љубителите на зоолошката градина, медиумите низ светот ги охрабруваат сите граѓани да ги посетат најблиските зоолошки градини во своите држави. Секоја година милиони луѓе посетуваат зоолошки градини и учат за многу животни што живеат таму. Зоолошките градини добиваат особено на значење кога животинските видови што се загрозени или се изложени на ризик да станат загрозени, се негуваат, чуваат и евентуално размножуваат во контролирани услови. Зоолошките градини исто така ѝ обезбедуваат едукација на јавноста за широк спектар на животни и нивните живеалишта.
За нас во Македонија од посебно значење е Зоолошката градина во Скопје, формирана во 1926 година од страна на тричлена комисија со која раководел доктор Станко Караман. Тогаш е предложена и денешната локација, која зафаќала 4 хектари површина до крајот на 1965 година.
Еден од најголемите вљубеници на зоолошките градини е нашиот ценет колега од „Нова Македонија“, Горан Анастасовски. Тој е светски познат и како кралот на камерата, според лондонски „Дејли мејл“. На пиедесталот е како македонски и светски фотограф кој повеќе од 15 години фотографира неверојатни портрети на животни, особено на животни во различни зоолошки градини. Анастасовски активно се занимава со фотографија од 2006 година, главно фокусиран на природата и светот на дивите животни. Сликите на Анастасовски прикажуваат леопарди, лавови, тигри, жирафи во изненадувачки опуштени пози, а многу од нив се фотографирани како споделуваат силно емотивни моменти во своите зоо-живеалишта со други животни од својот вид или со своите негуватели, вработени во зоолошките градини. Со своето фотографско мајсторство Горан Анастасовски успеа да ги пласира своите ремек-дела во многу светски медиуми.
Портретите на дивиот свет направени во Зоолошката градина во Скопје ја направија нашата скопска зоо-градина позната низ светот, а безброј фотографии низ годините се објавени во „Нешнел џиографик“, „Дејли мејл“, „Ле фигаро“, „Ројтерс“, „Најдобра фотографија на природата“, „Сандеј експрес“, „Форбс“, „Индипендент“, „Инсајдер“, „Телеграф“, „Боред панда“, „Њујорк пост“, „Хафингтон пост“, „Чајна дејли“, Си-ен-ен, Би-би-си, „Дејли стар“ и многу други. Р.М.