Фото: Пиксабеј

Со оглед на тоа што жедта не е толку изразена во текот на зимата, може да се случи да заборавиме редовно да пиеме доволно вода, па дехидрацијата не е ретка појава.
– Загреаните внатрешни простори можат да ја извлечат влагата од воздухот, дехидрирајќи нè без да забележиме. Носењето слоеви облека може да поттикне потење, но можеби нема да го забележиме тоа бидејќи потта брзо испарува на студениот воздух. Исто така, пиењето многу чај, кафе или алкохол, што е вообичаена зимска навика, може да доведе до дехидрација – објаснува д-р Чун Танг.
Според д-р Ашвин Шарма, зголемениот број на болести како што е грипот во текот на зимските месеци може да предизвика дехидрација. Прекумерната потрошувачка на храна што содржи големи количества натриум исто така е честа причина за дехидрација.
– Ако устата ви е сува, кожата ви се лупи или ве чеша или урината има потемна боја, можеби сте дехидрирани – вели Танг.
Замор, вртоглавица или главоболка се исто така вообичаени знаци на дехидрација. Еден од најголемите знаци на дехидрација кај постарите лица е конфузијата или отежнатото концентрирање. Доколку почувствувате некој од овие симптоми, треба да пиете повеќе вода. Опасности од дехидрација во зима се проблеми со меморијата – мала дехидрација може да доведе до слаба концентрација и проблеми со меморијата; проблеми со уринарниот систем и бубрезите – дехидрацијата може да доведе до инфекции на уринарниот тракт и камења во бубрезите, бидејќи бубрезите бараат соодветно ниво на хидратација за да функционираат правилно; намален крвен притисок – дехидрацијата може да го намали крвниот притисок, што може да стане опасно за постарите, бидејќи може да го зголеми ризикот од вртоглавица и падови.
– Хиповолемичен шок е една од најголемите опасности што може да произлезат од дехидрација. Тоа е состојба кога телото доживува значителен пад на крвниот притисок, што резултира со недоволно снабдување на виталните органи со кислород. Тоа може да биде опасно по живот и бара итна медицинска помош – предупредува Шарма.
Долготрајната дехидрација може негативно да влијае и на срцето и циркулацијата, да го влоши запекот и да ја исуши кожата. Постарите луѓе се повеќе склони кон дехидрација, бидејќи нивното чувство за жед слабее со возраста. Исто така, лековите како диуретици и лаксативи може да ја зголемат загубата на течности. Затоа пијте вода во текот на денот, дури и ако не сте жедни. Можете да пиете и билни чаеви, бидејќи тие, како и топлата вода со лимон, можат да ви помогнат да останете хидрирани.