Фото: Пиксабеј

Перењето облека на 40 степени можеби е добро за животната средина, но не ги убива повеќето бактерии, покажа новото истражување на д-р Лиза Акерли. Алиштата испрани на 40 степени содржат само 14 отсто помалку бактерии од неиспраните алишта. Микробиолозите откриле и дека секое четврто парче долна облека испрано на 40 степени содржи траги од бактерии поврзани со фекалии.
Научниците зеле брис од повеќе од сто парчиња детска облека и постелнина. Половина од примероците биле испрани на 40 степени, додека другата половина не биле испрани, туку само земени директно од кошницата за алишта. Истражувачите откриле дека испраната долна облека на децата содржела исто толку бактерии колку и неиспраната. Откриено е и дека детските маици содржеле многу бактерии, додека навлаките за перници и панталоните биле помалку нападнати од бактерии.
– Воопшто не сум изненаден од овие резултати – имаше неколку студии објавени во последниве години што сугерираат дека модерните практики за перење може да создадат идеална почва за бактерии. Луѓето мислат дека едноставно ставање валкана облека во машината за перење ќе ги убие сите бактерии, но тоа не е така. Само затоа што изгледа и мириса чисто, не значи дека е хигиенски. Перењето на ниски температури можеби е добро за облеката и околината, но не е нужно добро за нашето здравје – вели Акерли.
Лекарите препорачуваат перење на 60 степени или на повисоки температури за да се убијат бактериите. Кога перете на пониски температури, додајте средство за дезинфекција на алишта.
Претходните студии на Акерли откриле дека има околу 10.000 организми поврзани со фекалии на секој пар „чисти гаќички“ испрани на ниски температури и дека има дури милион бактерии во само две лажици вода во машината за перење. Ова истражување исто така покажа дека бактериите можат да опстојуваат во машините за перење. Тоа значи дека дури и ако луѓето перат предмети како долна облека одделно од нивните крпи за садови, тие сепак може да бидат загадени со бактерии. За да биде чиста, машината за перење барем еднаш месечно треба да се пушта на еден циклус од 90 степени без облека. Се советува да не се затвора вратата на машината за перење веднаш по перењето за да се овозможи вентилација, бидејќи тоа го намалува растот на бактериите внатре.