Истражувачите сакаат да ги пребараат архивите
Група научници се залагаат за пристап до Апостолскиот архив на Ватикан, верувајќи дека среде 85-те километри долги полици исполнети со ракописи, папски белешки и други вредни списи може да има и вредни информации за НЛО и за паранормални појави.
Оние што веруваат во феноменот на НЛО наоѓаат поддршка во делата како што е книгата „Американски космик“ објавена во 2019 година од Дијана Валш Пасулка, професорка по религиозни студии на Универзитетот во Северна Каролина, Вилмингтон. Таа тврди дека архивите содржат голем број извештаи за паранормални настани, кои би можеле подобро да се разберат како феномени слични на НЛО.
Архивите содржат голем број извештаи за паранормални настани
Пасулка наведува примери на калуѓерки што биле сведоци на топки на небото и на други слични феномени, сугерирајќи дека овие настани можеби биле погрешно протолкувани како чуда. Валш Пасулка ги истакна предизвиците со кои се соочуваат архиварите, истакнувајќи го нивното барање да ги дигитализираат документите и да му дадат приоритет на она што го сметаат за важно.
– Тие навистина не им даваат приоритет на топките што ги збунувале калуѓерките во 19 век – вели таа.
Интересот за материјалите од Ватикан не е ограничен само на верските научници. Гери Нолан, професор по медицина на Универзитетот „Стенфорд“, ги гледа архивите како потенцијален златен рудник за разбирање на НЛО.
– Ватикан е веројатно најстариот библиотечен систем на паранормалните појави и натприродно знаење што сè уште постои – рече тој и ја нагласи неговата мистичност и длабоките вистини што можат да се откријат со правилен пристап.
Нолан верува дека присуството на напредни видови што ја посетуваат Земјата нуди надеж за опстанок на човештвото против заканите како што се климатските промени и војната.
– Самиот факт што мислиме дека гледаме нешто е надеж за мене – рече тој.
Дијалог со религиозните институции
Во 2023 година, Нолан ја коосноваше фондацијата „Сол“, која ги предводи научните истражувања за НЛО и иницираше дијалог со религиозните институции, како што е Ватикан, за духовните импликации од откривањето вонземски живот. Фондацијата има цел да промовира меѓуверски дијалог со цел да се процени можното влијание на таквите откритија врз религиите во светот. Интересот за паранормалните тајни што, наводно, ги крие Ватикан трае со децении, под влијание на културно значајните институции како институтот „Есален“ во Калифорнија.
Френсис Тисо, експерт за меѓурелигиски дијалог, вели дека имало преговори со ватикан уште пред повеќе од 20 години за истражување на архивите и за документирање на паранормалните појави. Со тоа би се класифицирала оваа документација на начин што ќе биде достапен за научната заедница.
И покрај овие интереси, архиварите на Ватикан тврдат дека нивните записи не вклучуваат документи за вонземски живот и ги советуваат научниците да не се обидуваат да најдат таков материјал во Апостолскиот архив.s